Како до поголемо политичко учество на лицата со попреченост?

0
189

Со цел овозможување на поголемо учество на лицата со попреченост во политичкиот и изборниот процес во Македонија, независно гласање, без помош или влијание од другите, во Битола се одржа јавна дебата. Учесниците на оваа дебата дискутираа за сите проблеми со кои се соочуваат но и даваа предлози за надминување на истите. И покрај тоа што поминаа локалните избори, организаторите на настанот велат дека учеството во политичкиот живот за овие граѓани треба допрво да започне.

-Градоначалниците и советниците треба да ги вклучат лицата со попреченост во креирање на политики на локално ниви, денеска токму затоа ќе дебатираме дали општините планираат или како досега сами ќе ги кројат политиките и оваа  категорија на граѓани ќе остане без  права. Ќе продолжиме заедно да работиме со ДИК затоа што утврдивме големи неправилности но и немање на можност за вклучување на оваа категорија на граѓани во политичкиот и изборниот процес во Македонија, изјави Благица Димитровска, претседател на Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ .

Правото на глас е основно човеково право Согласно интернационалните норми и стандарди лицата со попреченост треба да бидат еднакви граѓани во општеството.Од здружението „Инклузива“ велат дека  основен проблем во сите општини во земјава е физичкиот пристап. Апелираат до сите општини да се создадат услови и да ги вклучат лицата со попреченост,со цел да им се обезбеди поквалитетен живот.Во член 29 од Конвенцијата на ОН се предвидува целосно учество на лицата со попреченост во локалната заедница и општеството.

-Сите тротоари, улици но и влезовите на институциите се непристапни. Тука под итно секоја општина треба да направи стратегија за да може пристапот да го обезбеди, бидејќи имаат обврска спрема оваа категорија на граѓани. Нашата држава ја потпиша Конвенцијата на ОН, додава Димитровска.

Од општина Битола велат дека лицата со попреченост ќе ја имаат подршката од нивна страна. Додаваат дека овие лица ќе  имаат можност да присуствуваат на сите седници на советот на Општина Битола, како и да бидат вклучени во донесувањето на одлуки од општествен карактер но и во донесување на одлуки во интерес на лицата со попреченост.

-Ние веќе дискутиравме претходно и во програмата имавме најавено особени мерки за лицата со попреченост, каде ќе вклучиме лица резидентни кои што ќе бидат во услуга на лицата со попреченост. Тоа ќе биде заедно во соработка со општините од регионот: Демир Хисар, Новаци, Могила и Ресен и тоа веќе е во постапка на усвојување и реализација,изјави Борче Корлевски, советник од СДСМ во Советот на Општина Битола.

Настанот се одржа во рамки на проектот „Политичко учество на лицата со попреченост“, го спроведува Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива-Куманово а финансиран е од УСАИД.

Без коментари