Прва награда за Томислав Османли на конкурсот Антево слово

0
189

Писателот Томислав Османли е добитник на првата награда на меѓународниот конкурс „Антево слово“ 2017/18 година кој се одржува во Италија.

По објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор за учество на конкурсот и доделување на наградата „Антево слово“, се пријавија повеќе од 100 поети со своите дела.

Жирито во кое членуваа претставници од семејството на доајенот на македонската поезија Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/ литературната област во Македонија одлучија да ги номинираат, а со тоа и застапат сите оние кои беа претходно објавени на страната на Меѓународната поетска манифестација „Ангело ла Векија“, каде за прв пат се востанови наградата „Антево слово“ и за прв пат се отвори можност да промовира македонското творештво.

– Од исклучителна важност е големиот одзив кој го имавме како за прва година во која ја воведуваме оваа награда и се надеваме дека во иднина сѐ повеќе поети ќе имаат можност да ги промовираат своите стихови, како и да им се отвори можност да бидат прочитани од интернационална публика-истакнаа организаторите.

Пред новогодишните празници  од книгоиздателството  „Арс ламина“ од Скопје, беше објавена книгата со драмскиот текст „Новиот цар“ од писателот Томислав Османли. Книгата со божикниот драмски текст за деца го носи подласловот „Приказна за раѓањето на Царот на царевите“ и претставува инсценација на историјата за раѓањето на Исус  раскажана низ 12 сцени, со почетна игра, пролог и епилог. Почетната игра ги претставува традиционалните коледарските песни што се пејат не само во Скопје, туку и низ Македонија.

Османли е автор на неколку играни сценарија, истакнат драмски автор, добитник на повеќе значајни награди и признанија. Неговата студија „Филмот и политичкото” (1981) се бележи како првата теоретска книга посветена на Седмата уметност, урбаните есеи „Медиумот што недостасува”, како и теоретската книга „Стрип запис со човечки лик” (1987 и 2002) која е сè уште единствена книга посветена на Деветтата уметност во Македонија, придонесуваат за развојот и унапредувањето на македонската урбана мисла.