1.750 џихадисти се вратени во Европа, подготвени за напади

0
562

Една третина од 5.000-те европски џихадисти што отпатувале да се борат во Сирија и Ирак сега се вратени во Европа, со „конкретни мисии“, предупредува новиот извештај на ЕУ. Властите на блокот го вклучија алармот за исламистички напади на европска почва.

Антитерористичкиот шеф на ЕУ Жил де Кершов денеска ќе ги презентира наодите од извештајот, кој Франс прес веќе го видел, пред европските министри.

Во него се вели дека од 5.000 џихадисти што им се придружиле на терористите во Ирак и Сирија, околу една третина сега се вратени во Европа. Иако самиот документ не дава точна бројка, бројот наводно може да биде висок и до 1.750.

Според извештајот, особено загрижуваат „оние што ќе бидат вратени за конкретни мисии“.

Од џихадистите што се вратиле, некои се осудени или се наоѓаат на издржување казна затвор, додека други се слободни и водат нормален живот. Во извештајот, исто така, се вели дека џихадисти од Либија може да ги искористат своите врски со роднини во Европа и да се упатат кон континентот.

Во меѓувреме, „до 2.500 борци од Европа остануваат на бојното поле“, пишува Франс прес, повикувајќи се на извештајот, и додава дека 15 до 20 отсто од нив загинале во борбите. Во четвртокот, шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц предупреди на зголемување на терористичката закана во Европа, говорејќи на состанокот на министрите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Терористичката закана во нашите заедници не попушта, туку е во пораст“, рече Курц.

„Покрај воените операции во Сирија и Ирак, ние мора да се справиме со нив (терористите) користејќи идеологија и полиција. Мора да се обединиме и да ги спречиме младите да ѝ се приклучат на нивната идеологија.“

Загриженост искажа и шефот на британската разузнавачка агенција МИ6, Алекс Јангер. За време на неговото јавно обраќање во Лондон, тој предупреди дека џихадистите „коваат заговори да извршат насилство во Велика Британија“ и нејзините сојузници.

Еден извештај на Европол издаден во почетокот на декември вели дека терористите на Исламска држава „склопиле тимови во Сирија“ за да „вршат терористички напади“. Во документот се предупредува дека сторителите можат да ја користат истата тактика што ја применуваат во Ирак и Сирија, прибегнувајќи кон киднапирања и автомобил-бомби.

На 30 октомври шефот на германската Федерална канцеларија за заштита на Уставот (БфВ), Ханс-Георг Масен, рече дека успехот против терористите во соодветните воени зони може да доведе до напади на европска почва.

Реагирајќи на операцијата во Мосул против ИСИС, Масен предупреди: „Тоа е добро. Но како резултат на тоа може да се случи оваа ситуација да ги алармира поддржувачите на ИСИС во Европа, што може да доведе до насилни напади“.

Европа, а особено Германија, Франција и Белгија, беа цел на повеќе терористички напади во текот на изминатата година и пол. Во неколку случаи сторителите или ѝ искажаа верност на ИСИС или беа инструирани од организацијата, вклучително и преку социјалните медиуми.

mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY