10 години без Тоше Проески

0
911

Македонија и Балканот денес се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред 10 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка на патот за Загреб.

Игри без граници беше албумот кој донесе нова боја во неговиот музички пристап. Како да сакаше да ја испрати својата порака до сите нас.

Претседателот на фондацијата „Тоше Проески“, Андреј Николоски, најави нов албум од Тоше кој треба да биде готов кон крајот на ноември или почетокот на декември. Албумот ќе содржи песни на англиски јазик кои Тоше ги снимил во студиото на Енди Рајт во Лондон.
Во спомен куќата на Тоше имаше културно уметника програма, 15 студенти од универзитетот Гоце Делчев од Штип сликаа инспирирани од животот и делото на Тоше, учениците од ОУ. Никола Карев од Крушево изведоа поетски рецитал, а настапи и хорот на крушевската гимназија Наум Наумоски Борче.

Само два дена пред десет годишнината од смртта на Тоше Проески, хрватскиот пејач, Тони Цетински реши да сподели искрена порака до својот другар.

-Драг мој Тоше,
Вечно ќе остане прашањето зошто тоа утро Бог реши да те земе тебе? Еве поминаа веќе 10 години откако те нема и недостигаш неизмерно.
Остана голема празнина по твоето заминување која никој никогаш нема да може да ја пополни. Знаеш ли зошто? Бидејќи ти беше и остана вистински пријател.
Знам дека си тука некаде и ти благодарам на сè што правиш. Те сака твојот брат, пишува Цетински во својот емотивен статус посветен на нашата прерано почината ѕвезда.

За да му оддадат почит, дванаесет маратонци од Македонија го трчаат маратонот од Нова Градишка до Крушево каде треба да пристигнат денес.
Во Крушево се веќе пристигнати фанови на Тоше од Хрватска и од Србија.
Тодор Проески – Тоше беше роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик.
Голема улога во неговото образование имаше музичкото училиште од Битола од кое Тоше беше дел.
На приемниот за соло-пеење кај професорот Пеце Митревски ја исполнил песната „Опрости ми папе“ од Оливер Драгојевиќ.

Од музичкото училиште од Битола, професорите Вилма Костовска и проф.Василчо Пецаковски( неговиот класен раководител ), за Тоше велат дека бил дете со ѕвезда и постојано пеел низ ходниците.
Професорката Костовска се потсети на првата касета на Тоше која тој и ја подарил.

Во трета година го имал настапот на „Мелфест“, каде што освои прва награда, а потоа се редат успесите еден позади друг.

– Тоше не беше ни обично дете, ни обичен пејач, ни пак, секојдневна личност. Поради сето она што во својот кус живот го остави зад себе, тој има само ден на раѓање. Но, не и на смрт, бидејќи ќе живее вечно – истакна своевремено, сега починатиот  професор Пеце Митревски.
После Мелфест Тоше настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.