1070 пријавени во првите два уписни дена на УКЛО

0
668

Пријавувањето во првиот уписен рок на Универзитетот „Климент Охридски” – Битола во текот на трите уписни дена, од 12 – 14 август 2015 г се спроведува успешно, велат од битолскиот универзитет.

На десетте факултети и високата медицинска школа, уписите се одвиваат непречено и без проблеми. Како што велат од универзитетот, бројот на пријавени кандидати во двата уписни дена од 1070 студенти е на очекуваното ниво и соодветствува на предвидената динамика.

Според податоците добиени од факултетите, во текот на последниот пријавен ден, до 12 часот, на УКЛО има стотина новопријавени кандидати, со што бројот на пријавени во првиот уписен рок се движи на минатогодишното ниво.

И во новата академска година Универзитетот „Климент Охридски” – Битола ќе ги стипендира најдобрите. Највисоко рангираните студенти во првиот уписен рок се ослободуваат од плаќање партиципација.

Според Конкурсот, во академската 2015/2016 година на прв циклус студии на Универзитет „Климент Охридски” – Битола има вкупно 3803 места: 2090 во државна квота, 965 со кофинансирање и 748 за вонредни студии.

Износот за партиципација е 200 евра во државна квота, 100 евра зa дисперзираните студии и по 400 евра за кофинансирање и за вонредни студии.

За незапишаните, УКЛО ќе спроведе уште два уписи. Вториот уписен рок ќе се одржи на 2 и 3 септември, а третиот на 14 септември 2015 година. Во престојните уписи, право да конкурираат за индекс имат и лицата кои положиле училишна матура во гимназиско образование или завршен испит по завршено соодветно стручно средно образование.