11% имаат само полско WC, 9% немаат када или туш

0
1078
FOT. PIOTR MECIK / SE / EAST NEWS DATA: 25.09.2010 TEMAT: WIEJSKA TOALETA WYGODKA KIBEL WC SRACZ

11% од македонските домаќинства имаат само полско WC, 9% немаат када или туш, а 15.3% живеат во несоодветни услови: покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува најновата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2014-та“ што ја изготви Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според истата публикација македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.7 соби односно точно по 1 соба по член (просечната големина на домаќинствата е 3.7 луѓе). 68% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 15.1% во лепенки, 13.9% во станови.
3.5% од семејствата немаат телевизор
Според  публикацијата „Потрошувачката за домаќинствата во 2015-та“, пак, 12.5% од домаќинствата во Македонија немаат правосмукалка, 4.5% немаат пегла, 7.3% немаат машина за перење, 3.8% немаат бојлер, 3.5% немаат телевизор, а 1.5% немаат фрижидер.
Состојбата е полоша кај полуксузните апарати за домаќинство. Само 9.6% имаат видео камера, 15.6% машина за миење садови, 30.1% клима уред, 63% компјутер со пристап на интернет. 0.9% од македонските семејства поседуваат клавир, а 2.5% гитара.
Секоја година се намалува бројот на корисници на фиксен телефон.

Во 2013-та приклучок имале 64.8% од семејствата, во 2014-та 56.4%, а во 2015-та само 52.6%. Претплатниците на мобилната телефонија останале речиси непроменети последниве три години – околу 86% од семејствата поседуваат мобилен апарат.
56.5% од семејствата имаат барем еден автомобил, 1.4% имаат и камп приколка, 0.4% чамец, 8.6% мотор, а 36.6% велосипед.
Стапка на сиромаштија од 22.1%
Статистичарите пресметале дека стапката на сиромаштија во 2012-та била 26.2%, во 2013-та 24.2%, а во 2014-та 22.1%; истата година 457.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија кој изнесувал годишен приход од 72.000 денари за самечки домаќинства и 151.000 денари за просечно четиричлено домаќинство.