15 години од загинувањето на македонски бранители кај Вејце

0
892

Oдбележани 15 години од загинувањето на македонските бранители кај Вејце.Со положување цвеќе на споменикот пред СВР Битола и на споменикот „Ангел“ во паркот кај градскиот часовник денеска беше оддадена почит на четворицата загинати бранители од  Битола кои загинаа кај тетовското село Вејце во конфликтот во 2001 година.

-Мора да се донесе Законот за бранителите со кој секој со ист аршин ќе биде обештетено секое семојство, тоа ќе го бараме од секоја влада како и бранителите да добијат соодветни ордени, вели бранителот од здружението „Достоинство“, Сашо Гилевски

Цвеќе положија делегација од Министерството за внатрешни работи, предводена од министерот Оливер Спасовски, како и претставници на граѓански здруженија.

-Ова е ден на сеќавање и ден на опомена.  Ден на сеќавање на бранителите кои што го дадоа животот за Република Македонија и ден на опомена за тоа што треба да направиме ние за да оставиме нешто на идните генерации. Недозволиво е дел од семејствата на бранителите да не бидат воопшто обештетени од Република Македонија. Таа неправда ќе мора да се исправи. Опомена е заради тоа што Република Македонија денеска се наоѓа во сериозна политичка, морална и економска криза со страшна поделеност и токму денешниот ден и сеќавањето на овие храбри луѓе кои го дадоа животот за Македонија треба да биде опомена за сите, за тоа што треба да се прави во овој момент. Особено треба да биде опомена за Министерството за внатрешни работи.  Да се сочува стабилноста и единството. МВР да биде столб на безбедноста на Република Македонија. Опомена дека не смее да има политикантство кое ја доведува под знак прашалник безбедноста и стабилноста на државата“, рече министерот Спасовски.

На 28 април 2001 година во Вејце загинаа осум припадници на Армијата на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи.