17 загинати во снежните бури во Америка

0
1140

Авионот со кој министерот за одбрана на САД, Ештон Картер се враќаше од петдневната посета на Париз и швајцарски Давос, не можеше да се приземји во воздухопловната база „Енрјус близу главниот град Вашингтон поради налетите на снежната бура Џонас, наречена во медиумите Сноузила, којашто однесе најмалку девет животи и стотици илјади остави без електрична енергија на американскиот исток.

Како што пишува весникот The Washington Post, авионот со кој челникот на Пентагон Ештон Картер се враќаше од Светскиот економски форум во Давос, наместо да слета во сојузната држава Мериленд, бил пренасочен во државата Флорида. Слетал на аеродромот во градот Тамапа, каде што безбедно ќе чека да мине невремето пред да се врати во американската престолнина Вашингтон.

Од петокот попладнето источниот брег на САД го зафати силен циклон, во чиј центар се најде областа на главниот град, како и околните држави Мериленд, Вирџинија и Пенсилванија. Обилните снежни врнежи продолжија и во саботата навечер и се очекуваат на места рекордни снежни покривки. Станува збор за еден од најголемите снежни врнежи во историјата на САД кој продолжува повеќе од едно деноноќие, а во областа на Вашингтон веќе се наврнати половина метар снег.

Според Националната метеоролошка служба на САД, во областа на меѓународниот аеродром Далес, во предградие на Вашингтон, каде е поставена мерна станица, нападнале околу 58 сантиметри снег. Тоа е втората најголема дебелина на снежната покривка во историјата на тамошните метеоролошки набљудувања по 1922 година, кога за 48 часа наврнале 66 сантиметри снег

Во Вашингтон се очекуваа и ветар со брзина од 90 километри на час, голомразица и поплави на брегот.

Покрај Вашингтон, снежната бура Џонас опфати уште 11 сојузни држави, каде што властите прогласија вонредни ситуации. Во Њујорк во текот на ноќта се очекува кулминација на виулицата, со врнежи од пет сантиметри снег на час, а се очекува дека вкупно може да наврне околу 60 сантиметри снег. Ситуацијата ја прават уште посложена силните налети на ветрот.

Њујоршките власти во саботата рано попладнето по локално време целосно го забранија патниот сообраќај, освен за возилата на итните служби. „Ова веројатно ќе биде едно од најголемите невремиња во историјата на градот“, изјави градоначалникот Бил де Блазио, пренесува телевизиската мрежа NBC.