270% повисока цена за ист производ

0
1396

Индексот на рационалност изработен за нова група производи и услуги открива големи разлики во цените по кои институциите купуваат ист вид производи или услуги. Центарот за граѓански комуникации индексот за рационалност број 13 го изработи врз основа на споредба на цените по кои се купувани авионска дезинсекција на комарци, системи за електронска евиденција на работното време, контејнери за отпад, собирање, транспорт и уништување на медицински отпад и пилешки стек. Најголема разлика во цените е евидентирана во набавката на системите за електронска евиденција на работно време, а најмала кај контејнерите за отпад.

Најголемата разлика во цената е евидентирана во набавката на системите за електронска евиденција на работно време, а најмала во контејнерите за отпад.

-Авионската дезинсекција на комарци ги чинела институциите од 176 до 606 денари за еден хектар, со што највисоката цена е за дури 244% повисока од најниската; системите за електронска евиденција на работното време се купувани по цени кои се движат од 43.200 ден. до 160.000 ден. за еден систем, со што највисоката цена е за дури 270% повисока од најниската; контејнерите за отпад (метални 1,1 м3) се купувани по цени кои се движат од 12.383 до 18.502 денари, што значи дека највисоката цена е за 49% повисока од најниската; собирањето, транспортот и уништувањето на медицински отпад ги чинело здравствените институции од 41 до 95 ден. за килограм, со што највисоката цена платена за оваа услуга е за 132% поголема од најниската цена и пилешкиот стек е купуван по цени кои се движеле од 172 до 315 ден. за килограм, со што највисоката цена е за 83% повисока од најниската, објаснува Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.10523916683_48a9eac674_b

Анализата на податоците направена за оваа група на производи и услуги открила два мошне сериозни проблеми во системот на јавни набавки на земјата, вели Факиќ.

-Првиот се однесува на доминација на одредени фирми во тендерите за одредени производи односно услуги, а вториот на сознанието за негативните ефекти од планирањето на електронската аукција во услови на отсуство на конкуренција, вели таа.

Заради овие проблеми кои се констатирале, од Центарот велат дека се наметнува потреба од поголема вклученост на надлежните институции.

-Бирото за јавни набавки треба да вложи напори детално да ги согледа ефектите за задолжителноста на електронска аукција и да дефинира каде и во кои видови на набавки таа вродува со плод, а каде поттикнува нерационално трошење на јавни пари, дополнува Факиќ.

Ова истражување е испратено до надлежните институции, Бирото за јавни набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Целта е низ конкретни бројки да укажат дека е потребно да се направат измени на Законот за јавни набавки за напуштање на концептот на задолжителност на електронската аукција за сите тендери, да се подобри системот и порационално да се трошат јавните пари.