3,3 милиони Британци ја потпишаа петицијата за нов референдум

0
549

Интернет петицијата со која се бара нов референдум за британското членство во Европската унија до утрово доби над 3,3 милиони потписи, иако 77.000 (потписи) се отстранети бидејќи биле лажни.

„Луѓето кои додаваат лажни потписи на петицијата би требало да знаат дека ги поткопуваат работите за кои се залагаат“, изјави пратеничката Хелен Џонс која претседава со парламентарната комисија за петицијата. Комисијата треба да ја разгледа петицијата следната недела, и да одлучи дали ќе се одржи расправа. Според Џонс расправата би овозможила да се „изрази широк спектар на ставови“.

Парламентот е должен да ја разгледа петицијата од моментот кога бројот на потписи е поголем од 100.000, но нема обврска да распише референдум или да донесе одлука што би ги довела во прашање резултатите на веќе одржаното јавно изјаснување.

Потписниците ја повикуваат Владата во Лондон да го примени правилото според кое треба да се одржи нов референдум ако „за“ или „против“ гласале помалку од 60%, а излезноста била под 75%. Референдумот од 23 јуни заврши со 51.9% за напуштање и 48.1% за останување во ЕУ,при излезност под 72%.