30 учесници од 12 држави за 16-тото издание на интернационалниот фестивал Тра-ла-ла

0
429

Битола од 12-ти до 15-ти август, е домаќин на 16-тото издание на Интернационалниот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” на кој учестуваат 30 млади музички таленти од 12 држави во светот.
– Фестивалот е успешен промотор на Македонија и македонската култура ширум светот бидејќи досега истиот е претставник на Република Македонија на голем број меѓународни фестивали и арт-манифестации, на кои се освоени голем број на награди-истакна директорот на фестивалот Тони Алексовски.
Манифестацијата е од натпреварувачки карактер. Натпреварувачите ќе ги отценува интернационално жири, чиј претседател е композитор и претседател на детски фестивал од Турција. Најдобрите ќе бидат наградени во сабота на Гала концертот.
Покрај учесниците од Македонија, на фестивалот настапуваат деца солисти и делегации од Турција, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Австралија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Русија, Хрватска и Кипар.
Фестивалот ќе се одвива во три натпреварувачки дела во Народниот театар и Центарот за култура во Битола.
Гала концертот со победничките композиции, како и со популарни гости и звезди од македонската естрада и учество на културно – уметнички друштва, ќе се одржи на 15-ти август со почеток во 19 часот во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.
За време на фестивалските денови, покрај музичкиот дел, предвидено е децата од странство да се запознаат со убавините и културата на Македонија, заради што за сите деца учесници ќе бидат организирани посети на Охрид и Свети Наум, Пелистер, античкиот локалитет Хераклеја, Националната установа Завод, Музеј- Битола и други места значајни за македонската култура и историја.
Фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА” е дел од битолското културно лето Битфест.