35 години ликовно творештво Драган Најденовски- Најдо

0
699

Со презентирање на повеќе дела од самите почетоци на своето творештво до денес, во културниот центар Магаза, ликовниот уметник Драган Најденовски-Најдо, одбележа 35 години ликовно творештво.

Најденовски е самостоен ликовен уметник, учесник на повеќе групни изложби низ земјата и странство, на меѓународни манифестации на графика, како и на ликовни колонии.

Добитник е на повеќе награди и признанија.

Самостојно имал изложби во Битола, Сараево – БиХ, Прилеп, Скопје, Кавадарци, Пазарџик – Бугарија, Неготино, Скопје.

Драган Најденовски е ликовен автор со солиден излагачки багаж над 25 самостојни претставувања со учество на повеќе групни проекти и ликовни колонии.

– Контактите со другите уметници и нивните дела несомнено извршиле влијание врз сликарската визија, но, секако , тука се и архетипските слики коишто секој сликар интуитивно ги вградува во своите дела. Со антиципираните панорамски сцени од битолскиот регион во потсвеста на овој автор, и несомнено, сликарскиот талент што тој го поседува, пределите се чинат како логичен избор. Но, ако се обидеме делата (пределите) сликарски да ги анализираме од повеќе аспекти и тоа како форма: од аспект на композиција и настојување на уметникот да воспостави определена хармонија меѓу елементите на сликата – полихромни геометрски површини и минималистички стилизирани и осветлени растенија (дрва, свеќиња, вегетација) или како содржина: од аспект на сликарство со чиста архетипска духовност и експресија настаната како одраз на уметничкото внатрешно доживување, ќе се соочиме со една сложена процедура којашто ирационалниот творечки процес нема во потполност да го објасни со рационални анализи- истакнува Роберт Цветковски, историчар на уметност.

Овој вид на сликарство, во поширока смисла, може да се разбере како асоцијативна експресија на бојата.

Ваквиот концепт е плод на еден повеќегодишен период поврзувајќи ги и другите творби.

Најденовски е претседател на друштвото на ликовните уметници во Битола и организатор на меѓународната ликовна колонија Ниже поле, која оваа година се одржа по 18 ти пат.

 

Без коментари