46 години Влашка Црква во Битола

0
2304

Света боженствена литургија денеска во храмот Св.Константин и Елена во Битола одржа митрополитот Петар. По 46 пат од постоењето на овој храм голем број верници се собраа за да го прослават поментот на светите Констатин и Елена. Кај битолчани е позната како влашка црква, бидејќи нејзиното градење го помогнала влашката заедница , но таа е наменета за сите православни верници .

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 мај. Денеска е  Св. Константин и Елена.

Во времето кога во Рим царуваше Диоклецијан управник на западните римски области беше христољубивиот Констанциј Флор, кој во бракот со света Елена го доби синот Константин. Последниов во историјата толку се прослави, што го доби името Велики. За христијаните, пак, тој е првиот благочестив цар. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол. Свети Константин го свика и Првиот вселенски собор во 325 година, на кој црквата ја осуди ереста на Ариј. Изгради многу величествени цркви, посебно во Ерусалим. Пред смртта се крсти, а по смртта црквата го приброи овој цар меѓу своите светила, заедно со неговата мајка Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Именден празнуваат: Костадин, Костадинка, Кочо, Елена, Ленка…