5,2 милиони евра ќе чини зимското одржување на патиштата и улиците

5,2 милиони евра ќе чини зимското одржување на патиштата и улиците

0 810

За ангажирање на механизација за чистење на улиците и патиштата од снег, како и за набавка на индустриска сол и ризла, во зимската сезона 2016-2017 година, државните институции ќе потрошат околу 322 милион денари односно над 5,2 милион евра.

Најмногу пари ќе чини зимското одржување на регионалните и магистралните патишта за што ЈП Македонија пат ќе потроши 3 милиони евра. Останатите околу 2,2 милиони евра се за чистење на улиците на Градот Скопје и општините.

Приказот на сите 57 тендери за одржување на патиштата и улиците во зимската сезона 2016-2017 година покажува дека во трошоците за оваа намена доминантни се оние за користење на механизација и на работници од приватни фирми (3,7 милиони евра) наспроти трошоците за набавка на индустриска сол и ризла за истурање по патиштата и улиците (1,6 милиони евра). Ова се дополнителни трошоци, покрај оние за редовно буџетско финансирање на работењето на државните и локалните јавни претпријатија чија основна дејност е токму одржувањето на патишта и улици.

На локално ниво, гледано по општини и градови, Скопје е неприкосновено на врвот и за чистењето на неговите улици Градот и општините имаат склучено 10 договори со приватни фирми во вкупна вредност од 52 милиони денари односно 848 илјади евра. Куманово е следно со договор во вредност од 245 илјади евра. По него се Прилеп со околу 202 илјади евра и Тетово со 130 илјади евра.

По региони, пак, повторно доминира скопскиот регион каде што ќе се потрошат 41% од сите пари за зимско одржување на патиштата. Следува пелагонискиот регион со учество од 17%. Најмалку пари за оваа намена ќе се потрошат во вардарскиот (2%) и во југоисточниот регион (само 0,1%).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.