Дедо Љубе извојува победа – падна обвинението!

0
534
Приговорите на адвокатскиот се прифатени и предметот повторно е вратен во истрага. Обвинителството има можност да поднесе нов обвинителен акт во кој старецот сигурно нема да се товари за делата за кои веќе еднаш беше обвинет, објави ВЕЧЕР.

Кумановското Јавно обвинителство ќе мора да изготви нов обвинителен акт против седумдесет и петгодишниот Љубомир Митев, познат во јавноста како Дедо Љубе, откако Кривичниот совет во кумановскиот Основен суд ги прифати приговорите на адвокатскиот тим на старецот и го врати предметот во фаза на истрага.Обвинителниот акт во кој Дедо Љубе се товареше за убиство, обид за убиство и недозволено држење на оружје сега веќе не постои, а Обвинителството и одбраната забрзано собираат докази кои ќе ги искористат во судскиот процес.

– Во моментов собираме докази кои ќе ги искористиме во текот на постапката. Обвинителството ќе поднесе нов обвинителен акт против нашиот клиент, но ќе бидеме подготвени, велат застапниците на Дедо Љубе.

Бранителите на Дедо Љубе, адвокатите Жарко Стефановски и Христијан Георгиевски, уште на првото рочиште во април годинава поднесоа приговори на комплетниот обвинителен акт поради што процесот никогаш не ни започна.

– Обвинетиот, според правниот поредок во нашата држава, не одговара во случај кога се работи за сопствена одбрана. Сметаме дека негово право е да пружи одбрана. На судот останува дали тоа ќе го земе предвид, изјави тогаш адвокатот Христијан Георгиевски.

Тој смета дека ќе успеат да докажат дека Дедо Љубе делувал во услови на нужна одбрана за да ја отстрани опасноста кон себе и својата неподвижна сопруга.

– Целта на одбраната е да докажеме дека нашиот клиент делувал во услови на неопходна нужна одбрана и само со цел да ја отстрани непосредната опасност по животот и телото на неговата сопуга и себеси, објаснува Георгиевски.