44 годишен струмичанец загина во Турција

0
597

Н.М. (44) од Струмица загинал во синоќешната тешка сообраќајна несреќа која се случила на 10 километри од Малкара, на 40 километри до грчко-турската граница. Автобус со македонски туристи се судрил со камион. Пет лица се потешко повредени. Од силината на ударот камионот го влечел автобусот околу 100 метри. Автобусот целосно се забил во приколката на камионот, па морало да го сечат за да ги извлечат патниците заробени меѓу седиштата.

Повредените 37 патници биле хоспитализирани во болниците во Едрене, Кашан и во Малкара, а 12 од нив биле задржани во болниците. Турските медиуми известија дека камионот го управувал 28-годишен турски државјанин кој не е повреден. Во притвор се и возачот на камионот и З.М. (50), шоферот на македонскиот автобус.

Несреќата се случила ноќеска, половина час по полноќ, во близина на Текирдаг, на автопатот Едрене-Кешан. Туристите се враќале од Истанбул кон Македонија.

Македонскиот конзулат во Истанбул чека официјални информации од турските власти пред да го потврди идентитетот на загинатиот македонски турист во Турција. Не се соопштуваат ниту имињата на повредените туристи.