72 години патување со НТБ.Airlines

0
341

Роденденската прослава на Битолскиот театар, беше со наслов Патувачки театар Битола, во која публиката заедно со актерите патуваше со НТБ. Airlines.

Народниот театар од Битола е една од водечките институции од областа на театарската уметност и културата во нашата земја и има исклучително значење во културната историја на Република Македонија.

Патувачкиот театар беше во режија на Јован Ристовски.

За атмосферата и удобноста на гостите во авионот, се погрижија стјуардесите и стјуардите меѓу кои и главниот стјуард Пројчевски.

Битолскиот театар во текот на својот развој успева да создаде еден специфичен театарски израз, богата и разновидна театарска програма со непобитни естетски вредности.

Низ годините, Битола беше глобална сцена на која што се случуваа значајни театарски настани, место каде што се презентираше извонреден театар, силен уметнички потенцијал и врвни уметници кои создадоа големи театарски претстави и освоија многубројни признанија и награди, на национално ниво и во меѓународен контекст.

Во изминатите седум години, на сцената на Народниот театар во Битола се одиграа близу 1.300 претстави, од кои 42 премиерни изведби, 21 гостување во некои од најважните театарски куќи во светот, а сето она што го создаваа актерите од овој театар го погледнаа околу 140.000 посетители.

Оваа 2016 година, за Народниот театар од Битола беше една од најуспешните театарски години во историјата на оваа национална установа. Битолскиот театар оваа година реализираше рекорден број на премиерни изведби на претстави, дури девет, од кои две претстави беа во копродукција со театри од Руската Федерација и САД. Бројката на повеќе од 20.000 посетители само за оваа година потврди дека Битола има публика која високо го респектира својот театар, публика која е високоедуцирана во театарска смисла и која знае да ги награди со бурен аплауз вистинските театарски вредности.