Адвокатот на Груевски ќе одговори на жалбите на Oбвинителство

0
332

Адвокатскиот тим на премиерот Никола Груевски в понеделник ќе достави до кривичниот суд одговор на жалбите на обвинителството, потврди за Телма, адвокатот Никола Додевски.

Додевски за телевизијата вели дека ќе го почитува рокот за доставување одговор од  три дена по што целата документација ќе биде препратена во Апелациониот суд кој ќе ја донесе конечната одлука дали прислушкуваните разговори ќе бидат доказ во 27-те предмети кои ги истражува обвинителството.

Апелацискиот суд нема прецизни рокови, но во принцип вели адвокатот Додевски, овие постапки се брзи, а од судот појаснуваат дека може да одлучат и за една седмица или осум дена.

Инаку, скопскиот кривичен суд вчера соопшти дека обвинителството обжалило 21 решение на судија на претходна постапка, а во однос на одлуката на судот аудиоснимките од прислушуваните разговори да не бидат земени како доказ за сомневањата против неколкумина владини функционери. Според процедурата, жалбите потоа се доставуваат до Апелацискиот суд, кој е надлежен да одлучи дали транскриптите ќе останат дел од доказниот материјал или ќе бидат запечатени како неупотребливи.