Ахмети му закажа оставка на Груевски на 10 јануари

0
521

Премиерот Никола Груевски ќе поднесе оставка на 10 јануари, за пет дена подоцна парламентот да ја избере „преодната влада“, како што е предвидено со политичкиот договор за излез од кризата. Ваква можност најави главниот коалициски партнер на Груевски – лидерот на ДУИ Али Ахмети, во интервју на Алсат.

Оваа е првиот конкретен датум кој се споменува како временска одредница за очекуваното демисионирање на долгогодишниот премиер. Иако роковите за исполнување на оваа обврска почнаа да течат уште на 15 декември, Груевски во изминатиот период се придржуваше до изјавата дека ќе бидат испочитувани сите термини, не прецизирајќи кога ќе ја ковертира оставката до законодавниот дом.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера нема коментар колку е реален датумот за заминување на Груевски што го посочи Ахмети – во контекст на евентуалното одложување на изборите, најавени за 24 април. Од партијата на Груевски останаа на ставот дека ќе постапат според распоредот од договорот од Пржино.

„Ќе се почитуваат роковите од договорот од Пржино, како што, за разлика од СДСМ, ги почитувавме и сите рокови досега. Наш приоритет се изборите на 24 април и затоа нема отстапување од роковите“, изјави директорот на Центарот за комуникации, Иво Котевски.

Доколку се оствари најавата на Ахмети за повлекување на Груевски веднаш по божикните празници, процедурата за конституирање на преодната влада би се совпаднала со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје, кој најави дека доаѓа во првата половина на јануари.