Ахмети – Рамковниот договор е важен, но има уште многу да се работи

0
691

Лидерот на ДУИ рече дека НАТО заедно со сите други медијатори и државници овозможија со овој договор како еден компромис да се пристапи кон решавањето на нерешените работи од тоа време.

– Нема договор со кој се задоволни сите и Охридскиот договор е компромис што дава можности двете страни да се разберат меѓу себе и да го земат предвид минатото за да не се повтори, бидејќи сите оние што го забораваат минатото не знаат како да ја изградат иднината. Со овој договор заврши војната и трагедијата и јас го ценам како важен документ со кој се решаваат многу состојби за политичкиот статус и проблематика. Има уште многу да се работи бидејќи иако договорот е изгласан во Собранието дел од овие одлуки не се спроведуваат. Сепак, придобивките се што Албанците имаат два универзитета на мајчин јазик, тие се застапени во полицијата и АРМ, луѓето живеат и работат заедно иако се уште има политички елити што не и сакаат добро на својата земја и служат на некои фактори што не сакаат добро на целиот регион. Мирот, стабилноста и безбедноста се во наши раце и зависат од тоа дали ќе работиме посветено, искрено и чесно за нивно зачувување, рече Ахмети.

Вицепремиерот Никола Тодоров посочи дека Охридскиот договор е пренесен на хартија и применет и во законската легислатива.

– Предизвици имало и ќе има, но верувам дека сите ние – Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците имаме и сила и потенцијал, знаење и вештини да обезбедиме развој на нашата земја. Економскиот прогрес, на кој сме стратешки посветени и за кој работиме многу, треба да биде наш приоритет, затоа што кога сме со подобар стандард се надминуваат стереотипите и предрасудите и можеме подобро да бараме решенија за реалните нешта. Обезбедувањето работни места и повисоки плати, можностите за развој на бизнис заедницата не се само економски приоритети туку тие се и суштина за развојот на нашата земја. Не смееме да заборавиме дека на овие простори сме живееле заедно со векови како комшии и пријатели и кога било тешко едни на други сме си помагале, како што е и овие денови. Тука е енергијата и тука е инспирацијата и тука го гледам главниот фокус што треба да го развиваме, а тоа ќе донесе поголем напредок, истакна Тодоров.

Американскиот амбасадор Бејли рече дека САД се горди на нивната улога во постигнувањето на Охридскиот рамковен договор како една пресвртна точка за Македонија.

– Тогаш лидерите е согласија за основите за заедничко почитување и вклученост, оружјето замолкна, што беше и појдовна точка на овој договор. Со договорот се избегна војната и се воспостави мирот. Треба да се продолжи со соодветното претставување, интегрираното образование, доближувањето на работата на локалната власт и нејзина поголема улога во заедницата. Останува уште многу работа и не би биле искрени ако не кажеме дека се уште има недоверба помеѓу различните заедници или граѓаните и институциите, рече Бејли.