Академијата “ЗА НЕД ДО” патува на Мундијалот во Германија

0
224

По селективниот турнир кој се одржа кон почетокот на летото на кој зедоа учество над 100 натпреварувачи во сите категории и дисциплини, Академијата за боречки вештини “ЗА НЕД ДО” од Битола ја направи својата селекција од најдобрите за оваа 2015 година кои ќе ја претставуваат WFMC Македонија на светското првенство. Но, поради тешката финансиска ситуација, од потенцијалните 25 натпреварувачи, по интерен договор и селекција на мајсторот Златко Неделковски, оваа година тимот ќе се состои од 15 натпреварувачи, кои ќе земат учество на светското првенство во боречки вештини и борби, кое оваа година ќе се одржат во Хаген, Република Германија во периодот од 16 до 18 октомври. Предводени од претседателот на WFMC за Македонија, Златко Неделковски и двократниот светски шампион во екстремна самоодбрана и главен тренер Дијана Неделковска во Хаген ќе патуваат и Аце Кочовски, Џансел Алимовска, Кристијан Стојаноски, Сунај Мифтар, Марија Трпеновска, Антонио Десковски, Марина Сиљанова, Филип Стојановски, Маја Кузманова, Катерина Барабановска, Јулијана Милошевска, Емилија Бошевска, Христијан Котевски и Емилија Милошевска. Како и минатата година, и оваа, Академијата ќе има свои претставници во дисциплините: самооодбрана, музички форми со оружје, лајт контакт борби, семи контакт борби и фул контакт борби. Подготовките веќе се во сериозна фаза, и според изјавата на мајсторот Златко Неделковски дисциплината и подготвеноста на секој член од тимот е веќе на завидно професионално ниво што не е причина да се прекине со макотрпните тренинзи, кои овие натпреварувачи ги имаат по најмалку два пати во текот на денот. Академијата за боречки вештини “ЗА НЕД ДО” од Битола 2013 година на Светските првенства кои се одржаа во Атина, Република Грција, со тим од 4 натпреварувачи се вратија со 4 светски шампионски титули, една вице шампионска титула и две бронзени медали, додека од Светското првенство за 2014 кое се одржа во Умаг, Република Хрватска, со тим од 10 натпреварувачи се вратија со 11 светски шампионски титули, 7 вице шампионски титули и 5 бронзени медали. Вкупно, во 2013 со 4 натпреварувачи освоени се 7 светски медали, а во 2014 со 10 натпреварувачи освоени се 23 светски медали. Горди што преку спортскиот дух на другарување и натпреварување успеале 15 пати да се интонира македонската химна на сред Атина и Умаг и исто толку пати на највисокото, прво место да се вее македонското знаме, како и секогаш, скромно не сакаат да даваат никакви предвидувања и очекувања за предстојното светско првенство.