Ако има кредибилни избори ќе има позитивна препорака

0
550

Ваша Екселенциjо, најпрво благодарам за ова интервју и добредојдовте во нашиот убав град Битола. Како член на дипломатскиот кор во Македонија имате можност одблиску да ги следите случувањата околу мегурелигиските инциденти во општините Чаир и Бутел во Скопје. Како гледате на овие настани?

Најпрво благодарам за можноста да бидам гостин на Вашата телевизија. Многу сум среќен што сум повторно во Битола, откако на покана на Вашиот Претседател јас и останатите амбасадори бевме во Вашиот прекрасен град овој јануари. Во врска со настаните кои се случија изминатиот викенд во Чаир и Бутел, се разбира дека сум многу загрижен. Не сум сигурен дека би ги нарекол меѓурелигиски но сепак се работи за сериозни инциденти. Сепак, на некој начин во нив гледам една позитина работа, а тоа е што граѓаните останаа мирни. Исто така и политичарите во еден момент се разбудија и повикаа на смирување на тензиите, така што ситуацијата не ескалираше. Според мене полицијата имаше професионална акција и успеа двата лути табори граѓани да ги задржи одвоени со што не дозволи ситуацијата да ескалира. Уште еден елемент кој сметам дека е важен е дека политичарите треба да се воздржат од било какви акции или иницијативи или дури употреба на симболи кои можат да се протолкуваат како нешта што го делат, наместо да го обединуваат народот, воедно треба да го одбегнуваат говорот на омраза па дури и говорот кој индиректно поттикнува вакви настани. Сметам дека и медиумите треба да ја одиграат својата улога и во своето известување да не употребуваат било што кое може да се протолкува како говор на омраза.

Се чини дека политичката криза во Македонија не се ближи до својот крај. Што треба според Вас да се случи за да имаме кредибилни избори во Јуни?

Очигледно дека некои работи мора да се направат во оваа насока. Писмото на амасадорите на Европската унија и на САД во Македонија, многу јасно определи три точки на дејствување кои мора да се исполнат со цел да се одржат кредибилни избори, и тоа е секако најпрво прочистување на Избирачкиот список, потоа реформата на медиумите која е неопходна и трето, поголема поделба помеѓу владејачките партии и државата. Исто така не смее да се дозволи никакво заплашување на гласачите. Уште на крајот на февруари, јасна беше проценката изнесена од Европската унија и САД дека сé уште нема услови кои би гарантирале фер и веродостојни избори на 24 април. Затоа и Парламентот на крајот одлучи да ги одложи изборите за 5 јуни. Овие три услови се клучни за одржување на веродостојни избори не само во Македонија туку и во било која друга земја. Проверката на Избирачкиот список започна но тоа се случи пред само неколку дена, а треба да се направи и теренската проверка пред да се каже дека Избирачкиот список е прочистен. Истото се однесува и на состојбата со медиумската сфера. Постигнат е одреден напредок, но мислам дека има уште долг пат пред да се постигне непристрасно и балансирано известување кое ги информира граѓаните наместо да им наметнува на нечиј став или мислење.

Темата на медиумите од т.н. Договор од Пржино сé уште не е решена. Зошто е тоа така? Имаат ли четирите потписници на овој договор волја да го затворат ова поглавје?

Состојбата со медиумите е првенствено одговорност на самите медиуми. Тие самите мора најпрво да почнат да известуваат непристрасно што сега не е случај. Позитивен чекор во таа насока е и Повелбата за непристрасно известување која всушност ја потпишаа скоро сите медиуми во Македонија, а во која ветуваат непристрасност и објективност во известувањето. Тоа е добар чекор кон саморегулација на медиумите во вистинска насока. Ова е позитивен чекор но секако е недоволен. Мислам дека Агенцијата за медиуми треба да биде реформирана и ова не е само мој став. Тоа многу јасно стои во извештајот на Прибе, во досегашните извештаи на Европската Комисија, но и во самиот Договор од Пржино. Агенцијата за медиуми треба да се реформира, но сепак најголема треба да биде улогата на самите медиуми.

Македонија како и неколку други земји од опкружувањето беа и сé уште се зафатени од т.н. мигрантска криза. Што мислите за реакцијата на македонските власти на оваа криза и дали е истата на ниво на европските стандарди?

Најпро дозволете да кажам дека ова е криза без преседан за целата Европа. И кога би ја оценувал реакцијата на Македонија, морам да кажам дека сите европски држави и Македонија беа затечени и сé уште се борат со последиците од оваа криза. Би сакал да подвлечам дека навистина сите европски земји се загрижени. Холандија, како и Германија или Шведска се финална дестинација на мигрантите. Вашата земја Македонија, како и Србија, Хрватска и Словенија се земји на транзит на мигрантите. Во таа насока она што Македонија го направи и сé уште го прави е достојно за пофалба и е признаено како такво. Она што Македонија го стори за заштита на границата на Европа, како и за регистрацијата на мигрантите – во изминатиов период Македонија регистрираше поголем дел од мигрантите и бегалците при влез во земјата – тоа беше сторено на еден воодушевувачки начин и на тој начин Македонија секако придонесе кон обидот кризата да се контролира на европско ниво. Морам и да нагласам дека ова е првенствено хуманитарна трагедија. Поголем дел од бегалците сега се на грчката страна во Идомени и со оглед на влошувањето на временските услови ова е навистина хуманитарна катастрофа.

Прави ли Европската унија доволно да ја превенира или во случајов разреши оваа трагедија која сирискиот народ ја носи на свои рамена?

Ова е навистина тешка ситуација. Она што Европската унија и мојата земја како актуелен претседавач со Унијата се обидуваат да сторат се состои од три нивоа истовремено. Се обидуваме да придонесеме во решавање на изворот на проблемот, а тоа е Сирија. Ова е секако екстремно тешко но се обидуваме. Таму сега има примирје, што е почеток на надежта дека нештата ќе бидат подобри и дека конфликтот би можел да заврши. Тоа би ја решило кризата во нејзиниот корен. Второ, да не ја заборавиме Турција. каде во моментов има над два и пол милиони бегалци, така што соработката со Турција е клучна за решавањето на кризата. И трето, се обидуваме да го менаџираме пристигнувањето на бегалците во Европа. Потенцирам: менаџирано, контролирано доаѓање на бегалците во Европа, наспроти неконтролираниот прилив кој се случуваше во изминативе месеци.

Каква порака ќе донесе пролетниот извешатај на Европската комисија за Македонија?

Мислам дека есенскиот извештај за Македонија беше доста јасен. Со него се условува позитивната препорака за почеток за преговорите за Македонија со следното: Прво, одржување на слободни, фер и кредибилни избори но и целосна имплементација на Договорот од Пржино, а тоа секако го вклучува и Специјалното јавно обвинителство. Услов е и напредокот во преземањето на итните реформски приоритети. Ако овие услови се исполнат, тогаш сум сигурен дека, може да следи позитивен извештај напролет.

Популарно мислење помеѓу аналитичарите тука е дека граѓаните, гласачите треба да бидат хероите на демократијата, бидејќи недостатокот на доверба помеѓу официјалните институции и политички партии е всушност изворот на кризата. Па како претставник на една од најстарите демократии во Европа, која порака гласач од Холандија би му ја дал на гласач од Македонија пред да кажеме последниот предизвик во јуни?

Благодарам многу за ова прашање и потполно се согласувам со Вас. Најпрво се надевам дека политичките лидери навистина ќе ги стават народот и државата пред сé. На граѓаните, на гласачите би сакал да им кажам дека изборите се навистина можност да се обликува иднината на земјата и тоа е оној ден кога секој граѓанин е важен исто колку и секој политичар. Сакам исто така да ги уверам дека гласањето е тајно и лично и дека никој не може да знае за кого сте гласале, се разбира освен ако Вие не му кажете. Ако има било какви индикации за неазконски дејствија, заплашување, граѓаните ова треба да го пријават кај надлежните – Јавното обвинителство, Народниот правобранител и локалните канцеларии, како и невладините организации, набљудувачите на изборите како Мост и другите кои ги набљудуваат изборите.