Ако пропадне Шенгенот, најтешко ќе им биде на земјите од Западен Балкан

0
386

Ако пропадне Шенгенскиот договор, најтешки последици ќе почувствуваат земјите од Западен Балкан, предупреди министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак.

Тој смета дека не постојат услови БиХ да добие кандидатски статус во февруари, додека на властите во РС им порача да престанат да се закануваат со одржување референдум.

Мигрантската криза што го погоди европскиот континент сериозно го доведе во прашање Шенгенскиот договор, и ако тој пропадне, најголеми последици ќе има во земјите од Западен Балкан, рече Лајчак во интервју за Независне новине од Бања Лука.

„Секогаш кога немаме веродостојна стратегија на европско ниво, земјите сами ги донесуваат одлуките. А тоа само покажува колку е важно Европската Унија да даде реална и остварлива стратегија за да се реши проблемот со мигрантите. Бидејќи ако продолжиме да донесуваме одлуки секој за себе, може да дојдеме во ситуација Шенгенот да исчезне. Се плашам дека највисоката цена за тоа ќе ја платат граѓаните на Западен Балкан“, рече Лајчак.

 Лајчак смета дека сега најголемиот проблем е тоа што бегалците минуваат низ Грција без посебен надзор и ограничувања, а до јуни, кога е рокот за формирање заедничка европска служба за гранична контрола, има многу време и тешко е да се предвиди што може да се случи дотогаш.

Запрашан дали актуелната криза ќе доведе до распад на ЕУ, Лајчак рече дека не верува дека тоа ќе се случи. „ЕУ ќе биде тука затоа што таа им е потребна на сите земји-членки и на тие теми не треба да се губи време.“

www.mkd.mk