Александар Чичаковски – претседател на ДИК, Реџеп Прекопуца – заменик

0
1342

Александар Чичаковски ќе биде новиот претседтел на ДИК, а Реџеп Прекопуца, негов заменик – Комисијата за избори и именувања донесе едногласна одлука, која потоа беше потврдена од Собранието. Пратениците со 102 гласови „за“, без „воздржани“ и „против“ ги изгласаа членовите на Државната изборна комисија.

Чичаковски е магистер по правни науки, кој во својата биографија има наведено големо меѓународно искуство на избори, и тоа со набљудување на претседателските избори во Украина 2007 и 2014 и во Грузија 2008. Од 2005 до 2009 бил правен консултант во МОСТ, а од 2009 година е судски соработник во Основниот суд Скопје 2.
Прекопуца, пак долго време работел во собраниските служби како раководител на одделението за односи со јавност и како раководител на одделението за билатерална соработка. Од 1995 година е вклучен во изборните циклуси како член на избирачки одбор, заменик член на општинска изборна комисија, а од 2013 е секретар на општинската изборна комисија во Арачиново. Нема наведено искуство во следење избори на меѓународно ниво. Тој е професор по албански јазик и магистер по применета политика.
Двајцата се избрани од редот на експертите, за кои вчера на лидерска средба  се договорија четирите партии, со посредство на амбасадорите на САД и ЕУ. Третиот експерт во ДИК е Атанас Урумов од Гевгелија, дипломиран правник и политиколог, кој работел како началник на подрачното одделение на ДИК, а од 2010 година е и негов раководител. Посетувал и повеќе обуки поврзани со изборните процеси.
Меѓународната заедница изрази задоволство од договорот за ДИК, и порача што побрзо комисијата да почне со работа, а Владата и другите институции да  дадат целосна поддршка.
Новата ДИК ќе биде надлежна за водење и ажурирање на избирачкиот список, а во составот на предлог на партиите се Силвана Бонева и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Дума и Игор Милев од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА.
Следно на агендата на работните групи, како што соопшти Ванхауте, се Законот за медиуми, Агенцијата за медиуми, јавниот сервис МРТВ, а потоа ќе се разговара за неколку работи поврзани со Народниот правобранител, Антикорупциската комисија, како и прашањата поврзани со Законот за клевета.
Денеска нема состанок на работната група, но од утре на дневен ред се враќа прашањето за медиумите.