Алексис Ципрас поднесе оставка

0
287

Грчкиот премиер Алексис Ципрас даде оставка на функцијата и повика на предвремени избори.

Ципрас, кој беше избран во јануари, рече дека има морална обврска да распише предвремени избори сега кога Грција си обезбеди трет пакет финансиска помош.

За датумот на изборите допрва треба да се одлучи, но првичните процени се дека тоа ќе биде 20 септември.

Ципрас ќе учествува на изборите со својата партија Сириза, но се соочи со бунт од страна на некои членови што беа гневни поради прифаќањето на мерките на штедење.

Ципрас ја соопшти оставката во ТВ-обраќање до граѓаните.

„Политичкиот мандат од изборите на 25 јануари ги допре своите граници и сега збор има грчкиот народ“, рече тој. „Сакам да бидам искрен со вас. Не го постигнавме договорот што го очекувавме пред изборите во јануари.“

Ципрас рече и дека ќе побара поддршка од грчкиот народ за да продолжи со својата владина програма.

Тој рече дека Грците мора да решат дали тој смее храбро да ги претставува пред кредиторите. Ципрас вечерва се сретна со претседателот Прокопис Павлопулос, кому му ја врачи својата оставка.

 

www.mkd.mk