Американски искуства за мост помеѓу универзитетот и компаниите

0
747

Да постои соработка, желба и дијалог меѓу факултетите и бизнис заедницата да нема бариери помеѓу нив, ова е пораката која што денеска ја упатија од Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија) со цел да се поттикне развивањето на академските програми за високо образование релевантни за деловниот сектор и со кои ќе се зголеми бројот на практикантствата во земјата.

-Најважно е да се има добра соработка и дијалог меѓу бизнис заедницата и факултетите, да не постојат големи бариери меѓу нив. Ние како АмЧар сме платформа, ги поттикнуваме компаниите да размислуваат на овој начин а и бараме од факултетите да се развиваат во овој правец, изјави Мишел Османли, извршен директор на АмЧам Македонија

Оваа година, АмЧам Македонија го организира настанот во партнерство со Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола (УКЛО – Битола) со цел јакнење на свеста на компаниите членки на АмЧам Македонија и другите компании во битолско – прилепскиот регион за можностите за соработка кои ги нуди овој Универзитет

-Сведоци сме на фактот дека голем број на студенти излегуваат од студенските клупи со многу мали практични знаења кои што можат да ги применат директно во праксата. Тие располагаат со многу малку вештини, како комуникациски и јазични, IT компетенции, претприемништво и слично. Од тие причини соработката со стопанството е од посебно значење, и ние ќе се трудиме од таа соработка да ги имплементираме сите оние 8 начела кои што се дефинирани на европско ниво, изјави проф.д-р Елизабета Бахтовска од Универзитетот Св. Климент Охридски Битола

Вклучувањето на деловната заедница при подготовката и осовременувањето на академските програми и наставата, вклучувањето на претставници од деловната заедница како гости говорници и развивањето на практични проекти во соработка со нејзини претставници, ќе придонесат оспособување на студентите и зголемување на нивната конкурентност.

-Секаде во светот постои јаз помеѓу теоретските и практичните знаења. Мислам дека македонските деца се успешни каде и да работат. Предизвикот во секоја земја  е да се даде попрактично знаење во теоретската настава. Компаниите треба да знаат дека студентите се дел од решението, а не само да седат од страна и да даваат коментари дека децата не се спремни за на работа, изјави Мишел Османли, извршен директор на АмЧам Македонија

На денешниот настан на тема ‘‘Унапредување на соработката помеѓу деловната заедница и универзитетите‘‘ учествуваа околу 70 од стопанските субјекти и претставници од академската заедница. Американската стопанска комора во Македонија ги застапува интересите на над 110 најуспешни македонски и меѓународни компании.