Ана Франк во Битола

0
996
По повод 73 години од холокаустот на македонските Eвреи во Македонија, депортацијата на 7144 лица во логорот на
смртта Треблинка, во Скопје, Штип и Битола се одржува комеморативна програма.
Во рамките на оваа програма беше презентирана изложбата Ана Франк- лекции за сегашноста, креирана од младинскиот образовен форум од Скопје и куќата на Ана Франк од Холандија.
 Изложбата претставува збирка од триесет и девет изложбени панели и носи голем број детали од животот на малата Ана Франк.

На отворањето на изложбата присуствуваше амбасадорот на Израел, амбасадорот на Кралството Холандија, градоначалникот на Битола д-р Владимир Талески, извршната директорка на МОФ, Дона Костуранова, како и директорот на МКЦ-Битола, Сашо Додовски.

– Сакам да ги зачувам моите идеали затоа што покрај сѐ верувам дека луѓето се добри во своите срца, напишала Ана во својот дневник.

Извршната директорка на МОФ, Дона Костуранова, истакна дека оваа изложба е од голема важност особено за младите затоа што преку неа се охрабруваат младите на соработка и запознавање на културите и различните земји во светот.

Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и холандската амбасада. На изложбата има и панели, кои се креирани посебно за македонскиот дел во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Проектот има за цел да го привлече вниманието и да поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан, кои се причина за различни поделби и генерирање конфликти во минатиот век. Преку промовирање критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на „Куќата на Ана Франк“ и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.

Изложбата ќе биде поставена во културниот центар Магаза до 24 ти март и истата ќе може ученици, студенти, млади луѓе и граѓани на Битола да ја посетат.