АНА се заканува со војна помеѓу Албанците и Црна Гора

0
261

Заканите на „Албанската национална армија (АНА)“, дека ќе има војна помеѓу Албанците и Црногорците, доколку биде ратификуван договорот за демаркација на границата помеѓу Црна Гора и Косово ги подигнаа тензиите во делот на Чакор, каде теренот секојдневно го надгледуваат 30 припадници на специјалните сили на Црна Гора.

Договорот треба да биде ратификуван на 1.септември, а црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, верува дека се ќе заврши онака како што е предвидено во август минатата година во Виена, кога двете страни го потпишаа договорот.

„На Косово никој нема право да искажува било какво незадоволство кон Црна Гора, бидејќи таа тоа не го заслужи. Во вакви ситуации покажавме дека имаме држава која се грижи за својата безбедност“, рекол Вујановиќ.

Иако официјална Приштина најави дека в четврток парламентот ќе го ратификува договорот, тоа во овој момент е неизвесно бидејќи за да биде ратификуван договорот за границата со Црна Гора е потребно двотретинско мнозинство.

Косовските медиуми пренесуваат дека владејачката коалиција на Хашим Тачи и Иса Мустафа тешко ќе успее да обезбеди двотретинско мнозинство и да го ратификува договорот.

Владеачката коалиција има 61 пратеник, што е недоволно да се изгласа договорот дури и ако за него гласаат 20-те пратеници на малцинствата, бидејќи неколкумина пратеници од партијата на Мустафа најавиле дека ќе гласаат против.

Опозицијата бара Мило Ѓукановиќ да „врати“ осум илјади хектари плодна земја, дел во кој се наоѓаат „нивни“ катуни.

Градоначалникот на Приштина кој е член на опозициската партија „Самоопределување“, Шпенд Ахмети, изјавил дека неговата партија сака да гради добри односи со Црна Гора, но истакнал дека „границата не е таму каде што треба да биде и демаркацијата нема да помине“.

Договорот за разграничување помеѓу Косово и Црна Гора е потпишан во август минатата година во Виена и е поставен по административната линија по Уставот на СФРЈ од 1974 година. крај/мф/нц