Ангела Меркел ќе го посети бегалскиот камп во Турција

0
311

Германскиот канцелар Ангела Меркел заминува во еднодневна посета на Турција, во обид да ги смири тензиите меѓу Берлин и Анкара поради напорите на Европската унија да ја надмине имигрантската криза во соработка со турската влада, пренесе “Ројтерс”.

Договорот меѓу Брисел и Анкара, кој стапи на сила пред неколку недели, си постави за цел да го прекине хаотичниот проток на бегалци и имигранти на грчките острови. Голем дел од дојденците се Сиријци и Ирачани кои бегаат од војната во Блискиот Исток.

Според податоците на Брисел договорот дава резултати, откако бројот на пристигнатите во Грција е намален од моментот на неговото влегување во сила. Сепак во просек околу 150 лица на ден се уште пристигнуваат на островите на нашиот јужен сосед .

Канцеларката Меркел ќе помине еден ден заедно со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск во Газиентеп во близина на сириската граница. Таму двајцата водачи ќе го посетат бегалскиот камп и ќе се сретнат со премиерот на земјата, Ахмет Давутоглу.

Германија му придава многу значење на договорот со Турција и беше најактивен лобист во ЕУ за неговото склучување. Во рамките на договорот Турција се согласи да ги прими назад сите имигранти, кои пошле со чамци од нејзините брегови кон грчките острови.

Во меѓувреме, владејачката коалиција во Германија е под притисок договорот да даде резултати што е можно поскоро.

Посетата доаѓа и денаоткако Ангела Меркел му овозможи на германски комичар да биде сослушан поради нанесена навреда против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и предизвика бран критики.

“И двете страни имаат голем интерес зделката да проработи. Турција сака поддршка во напорите да се справи со сериозноста на бегалците – како финансиска поддршка, така и од гледна точка на број. Тие исто така сакаат визна либерализација. Ние имаме други интереси”, изјави портпаролот на Меркел.

Според договорот Анкара ќе добие повеќе средства за бегалците кои живеат на нејзината територија, а нејзините преговори за членство ќе бидат забрзани. Основната цел на Турција е да добие визна либерализација до крајот на јуни.

Претходно оваа недела, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека Турција треба да ги исполни сите 72 услови за ослободување од визниот режим и дека Брисел нема да ги промени критериумите поради Анкара.

Ердоган и Меркел се најдоа во тешка ситуација, откако Анакра побара Германија да го осуди комичарот кој изрецитира груба сатирична поема против турскиот лидер во германската јавна телевизија.

Некои активисти и европски политичари веќе ја обвинија ЕУ дека ги компромитира своите основни вредности и слободата на говорот, само и само за да ја натера Турција да ги исполни своите обврски во рамките на имиграциската зделка.