Ангеловски го објави списокот за мечевите со Лихтенштајн и Белорусија

0
379

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, го објави списокот на играчи на кои смета за квалификацискиот натпревар со Лихтенштајн (24.март) и пријателскиот со Белорусија (28.март).

Македонија ја прифаќа фаворитската улога против Лихтенштајн и на теренот на противникот ќе оди на премиерната победа во квалификациите за пласман на Мундијалот во Русија.

Македонските фудбалери се уште се без освоен бод во квалификациите, иако во претходните четири натпревари беа блиску барем до нерешени резултати во дуелите со Албанија, Израел и Италија, додека убедливо го загубија мечот во Шпанија.

„Верувам во играчите, убеден сум дека ќе влеземе максимално подготвени и конечно после добрите игри, да освоиме и бодови во овие квалификации. Јас не сум тренер кој бара алиби, не бегаме од фаворитската улога, но нема ниту да ги потцениме, затоа што во минатото Македонија веќе се има „изгорено“ во дуелите со вакви репрезентации“, рече на прес конференцијата на која го објави списокот на играчи селекторот Ангеловски.

Предводникот на националниот тим за дуелите со Лихтенштајн и Белорусија нема да може да смета на Барди и Спировски, кои се повредени, а поради жолти картони дуелот со Лихтенштајн ќе го пропушти Алиоски. Ангеловски поради лошата форма во која се наоѓа не го повика левиот бек Жута, но упати повик до Ејупи, кој во моментов е водечки стрелец во хрватскиот шампионат. Исто така во репрезентацијата се враќа Тричковски кој има добра сезона во кипарскиот шампионат.

„Продолжив да ги вклучувам младите фудбалери во А-селекцијата и се надевам дека ќе составиме квалитетен тим. На овој меч ќе играме поофанзивно, сигурно ќе ја менуваме досегашната 3-5-2 формација“, дополни селекторот Ангеловски.

Подготвките за дуелот со Лихтенштајн фудбалерите ќе ги започнат на 20.март, а дуелот со овој противник на програмата е на 24.март во Вадуц од 20:45 часот.

Списокот на Игор Ангеловски за дуелот со Лихтенштајн:

Голмани:

Димитриевски (Химнастик, Шпанија), Гачевски (Вардар), Алексовски (Вардар)

Одбрана:

Ристовски (Ријека, Хрватска), Бејтулаи (Шкендија), Шиков (Работнички), Велковски (Вардар), Мојсов (АЕК Ларнака, Кипар), Ристевски (Вашаш, Унгарија)

Среден ред:

Хасани (Шкендија), Трајчевски (Работнички), Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија), Радески (Шкендија), Николов (Вардар), Бабунски (Јокохама, Јапонија), Трајковски (Палермо, Италија)

Напад:

Несторовски (Палермо, Италија), Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Пандев (Џенова, Италија), Ејупи (Осијек, Хрватска), Ибраими (Шкендија).