Ангеловски прозиваше пред Израел и Италија

0
294

Фудбалската репрезентација на Македонија од денес ги започнува подготовките за следните два натпревари од квалификациите за СП во Русија 2018 година. Сениорската репрезентација најнапред јамочекува првиот квалификациски меч против Израел на 6.Октомври, а селекторот Игор Ангеловски и фудбалерот од средниот ред Стефан Спировски беа расположени на денешната прес-конференција.

„Доколку сакаме добар резултат треба да бидеме концентрирани на првиот натпревар кој се игра на 6 октомври, а не на вториот. Ме радува тоа што сите фудбалери се здрави, очекувам да влеземе во дуелот максимално подготвени. Со ангажирана игра од сите бидејќи играме на домашен терен и сигурен сум дека можеме да дојдеме до позитивен резултат. Ќе бидеме комплетни на денешниот тренинг, не би коментирал околу составот и можните промени, тоа ќе се одлучи потоа. Ќе играме многу поофанзивно за разлика од мечот со Албанија во Скадар, вториот натпревар со Италија би требало да претставува дополнителен мотив да забележиме позитивен резултат најнапред против Израел“, истакна Игор Ангеловски.

Селекторот Ангеловски направи и кратка анализа за репрезентацијата на Израел.

„Израел е селекција која не го менува стилот на игра, на Италија и направија шест до седум контри и притоа и дадоа еден гол. Ако успеаја против една Италија да играат така, која добро знаеме што преставува во светскиот фудбал, тогаш мора да внимаваме. Не смее да им оставаме простор. Најверојатно ќе играме во истата формација, но ќе бидеме поофанзивни. Ако играме како во триесетте минути против Албанија кога дадовме гол, тогаш може да очекуваме позитивен резултат. Свесни сме за позицијата во која се наоѓаме, публиката можеби мисли лошо за нас и свесни сме дека и ние имаме вина за тоа, но ќе се потрудиме да го поправиме тоа. Искрено мислам дека со добра игра на домашен терен ќе направиме повторно публиката да не бодри кога играме на нашиот стадион“ додаде Ангеловски. Стефан Спировски, кој игра во добра форма и викендов постигна ефектен погодок од слободен удар за својата екипа вели:

„Ако дадеме 100% од нас и доколку ги исправиме грешките од мечот со Албанија може да очекуваме позитивен резултат на првиот натпревар со Израел. Да го добиеме прво Израел, потоа ќе размислуваме за Италија. Прекините треба да бидат наша шанса да постигнеме погодок против нив“, изјави Стефан Спировски. Нашите репрезентативци подготовките ги започнуваат со првиот тренинг денес од 18.30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.