„Ангелски повик“ – летово хит меѓу битолските читатели

0
410

Од 7000 читатели колку што се регистрирани во битолската библиотека, најчести корисници се средношколците и студентите, оние кои мораат и имаат потреба да читаат. Но, не е мал бројот и на останатите читатели кои се од најмала возраст па се до пензионери.

-50% се љубители на книги, а останатите 50% се оние кои имаат потреба од книгите, вели Науме Ѓоргиевски, директор на библиотеката.NAUME

Љубителите на книги во Битола не чекаат многу време за в раце да им дојде некој од најновите бестселери во светот.

-Ги следиме светските трендови, а во Македонија најбараните книги за брзо време се печатат, а понудата кај нас е голема. Нема книга што ја немаме, вели Ѓоргиевски.

Директорот напоменува дека од пред еден месец библиотеката има и продажна функција.

-Сите книги печатени од Владата можат да се купат, вели тој.

Читателите можат и електронски да си пронајдат книга и да ја резервираат, а може и да читаат електронски книги во библиотеката, иако нивниот избор не е голем.

Дека битолчани за време на летниот период сакаат да се релаксираат и да прочитаат некое лесно четиво, покажува и најчитаната книга летово во битолската библиотека. Најбаран беше романот „Ангелски повик“ на маестралниот француски мајстор на бестселери, Гијом Мисо.