Анкара ја брани ИСИС, турски функционери имаат финансиски интерес од трговијата со нафта со терористите

0
480

Некои турски државни функционери имаат „директен финансиски интерес“ од трговијата со нафта со терористичката група Исламска држава, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев, коментирајќи го можниот руски одговор на уривањето на рускиот воен авион во Сирија од страна на Турција.

„Турските акции се де факто за заштита на Исламска држава“, изјави Медведев. „Оваа воопшто не изненадува, имајќи ги предвид информациите што ги поседуваме за директен финансиски интерес кој некои турски функционери го имаат од снабдувањето со нафтени деривати од рафинериите под контрола на ИСИС“.

„Избрзаната и криминална акција на турските власти предизвика опасна ескалација на односите меѓу Русија и НАТО, што не може да се оправда со каков било интерес, вклучувајќи ја и заштитата на државната граница“, додаде рускиот премиер.

Според Медведев, Русија размислува за откажување на повеќе важни проекти со Турција и забраната за турските компании на рускиот пазар. Русија веќе ги советува своите државјани да не одат во Турција поради „терористички закани“, што резултираше со повлекување на неколку туристички оператори од турскиот пазар.

Русија може да го откаже целиот проект за гасоводот Јужен тек, кој требаше од Турција да направи важна транзитна земја на рускиот гас кон Европа, како и изградбата на првата нуклеарна централа во земјата.