Аргентинец компонираше македонска соната

0
596

Битолската публика имаше несекојдневна можност да ужива во творештвото и изведбата на познатиот аргентински композитор и пијанист Маурицио Анунциата, еден од оние чии творби се прогласени за дела од светски интерес од страна на УНЕСКО.Концертот насловен-„Аргентинско пијано, емоција и виртуозност” беше изведен во Центарот за култура а составен од аргентински композиции но и од авторски дела.Маурицио за себе вели дека е повеќе композитор отколку пијанист.Неговата прва амбиција е да пишува музика.Истакна дека е навистина среќен што доаѓа да настапи во Македонија бидејќи со балканската музика се занимава скоро две децении.Во Битола ја изведе и Сонатата за пијано бр. 8 насловена „Македонија”,која започнува со гајди, продолжува со ора, третиот дел е ромска музика и последниот е оркестарски дел.Познат е по својата работа на истражување, откривање на локални форми.Роден во Буенос Аирес од родители кои потекнуваат од Италија, тој уште од најрана возраст свирел на пијано и покажувал афинитети кон компонирање музика.Создал нов, сеопфатен модел на уметничка форма: „Лирска мултимедијална опера”. Со оваа сестрана и возбудлива структура „Концерт-театар”, напишал серија на звучни фрески базирани на аргентинските митови.Го основал и управувал со оркестарот „Иброамерикана де Каталуња” кој поради своите заложби за мир и интеграција на Латинска Америка добил покана да одржи серија концерти во палатата на Владата во Каталонија, на Универзитетот во Барселона, театарот „Сент Андре” и уште многу други места.Од друга страна, за своите духовни композиции Маурицио Анунциата бил наградуван и во Ватикан каде соработувал со хорот на Сикстинската капела.Има добиено признанија за 150 дела вклучувајќи ги тука неговите симфонии, концерти, соло песни, опери, камерната музика и композициите за пијано.

Неда Маретиќ