Атентаторот на американскиот претседател Реган ќе биде ослободен

0
638

Џон Хинкли, човекот кој во 1981 година се обиде да го убие тогашниот американски претседател Роналд Реган, ќе биде ослободен по повеќе од 35 години минати во психијатриска болница, но судот ваката одлука ја проследи со строги услови за надзор.

„Џон В. Хинкли помладиот може постојано да престојува во Вилијамсбург, во сојузната држава Вирџинија, во рамките на ослободувањето од лечењето кое нема да започне пред 5-ти август 2016 година“, одлучи во средата судијата Пол Фридман на сојузниот суд во Вашингтон, се наведува во документите кои на увид ги добила агенцијата AFP.

Судијата оценил дека Хинкли повеќе не опасен ниту за себеси ниту за околината, како и дека ќе може да живее со 90-годишната мајка во станбена населба со обезбедување и ограничен пристап на јавноста (gated community).

Фондацијата Роналд Реган веднаш се огласи со кусо соопштение во коешто истакнува дека „за разлика од судијата мисли дека Џон Хинкли и натаму претставува закана за другите и решително се противи на неговото ослободување“.

Хинкли, кој денес има 61 година, се обиде на 30-ти март 1981 година да го убие претседателот Ронлад Реган по излегувањето од хотелот „Hilton“ во Вашингтон, при што рани и три други лица, меѓу нив и тогашниот портпарол на Белата куќа, Џејмс Брејди. Еден куршум се одби од претседателската лимузина и го погоди Реган во градите. Куршумот поминал веднаш до срцето.

Атентаторот беше сместен во психијатриска болница во Вашингтон, пред повеќе од 30 години.

На судењето коешто траеше два месеца изјави дека сакал да остави впечаток на актерката Џоди Фостер од која бил опседнат по филмот „Таксист“ во кој таа ја толкува улогата на малолетна проститутка./крај/мф/сн