Авганистанските талибанци ги зазеле владините згради и болница

0
114

Талибанците соопштија дека зазеле неколку клучни згради во опсадата на истоимениот главен град на провинцијата Кундуз во северен Авганистан, откако во понеделникот почнаа голема офанзива, јави Ројтерс.

Исламистичките борци зазеле болница со 200 кревети и неколку владини згради, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, во пост на Твитер. Претходно авганистанската полиција рече дека талибанците го нападнале Кундуз од три страни.

Талибанците им советувале на жителите на Кундуз да останат дома за време на нападите, истакнувајќи дека нивните борци ќе дадат сè од себе да не повредат цивили.

Авганистанската полиција и војска, обучени од САД, со хеликоптери испукувале ракети кон талибанските сили. Утрово во градот можело да се слушнат звуци на артилерија и огнено оружје.

Кундуз во април беше во центарот на жестоките борби меѓу талибанците и авганистанските владини сили. Преземањето на градот ќе биде голема победа за милитантите, кои се обидуваат да го искористат повлекувањето на повеќето странски војници, кои голем дел од безбедносните функции им предадоа на националните сили.