Авионот на бугарскиот премиер изврши принудно слетување во Варна

0
374

Авионот со кој патувал бугарскиот премиер Бојко Борисов во неделата го имал вториот дефект во последните шест месеци поради што пилотот морал да изврши принудно слетување на аеродромот во Варна од каде претходно полетал, соопштија неговиот кабинет и министерството за сообраќај.

Уредот за слетување на авионот од типот „Falcon 200“ не се повлекол по полетувањето, по што воздухопловот морал да кружи над Црното Море за да потроши дел од горивото, според процедурата за принудно слетување, а потоа слетал во Варна, соопшти министерството.

„Животот и здравјето на патниците во ниту еден момент не беа загрозени“, се додава во соопштението на министерството за сообраќај.

Борисов требаше да се врати во Софија во неделата навечер со друг авион, откако не успеа да стигне на свеченоста во Пловдив.

Истиот владин авион на 11-ти февруари годинава на летот од Софија за Брисел, исто така со премиерот Борисов, мораше да се врати на аеродромот во бугарската престолнина, бидејќи повторно трапот за слетување не се вовлече.

Министерот за сообраќај, Ивајло Московски изјави во вечерниот дневник на телевизијата бТВ дека проблемот очигледно не може да се отстрани и авионот ќе биде вратен на производителот во Франција.