Австрија најавува помош за Македонија, оставена на цедило

0
190

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во понеделникот ја посети Македонија и најави помош за оваа земја којашто се соочува со голем број бегалци, истакнува во својот извештај за престојот на шефот на дипломатијата австриската агенција АPA.

„Државите од западен Балкан се прегазени, соочени се со предизвици кои ги надминуваат нивните можности и се оставени на цедило. Мораме да им помогнеме“, изјавил Курц за новинарите во текот на летот за Скопје, известува APА.

Инаку во текот на средбата со министерот за внатрешни работи Митко Чавков на граничниот премин Гевгелија кон границата со Грција, Курц изјави дека повеќе не функционира „длабинското правило“, според коешто бегалците треба да остануваат во онаа земја од Европската унија во која прво дошле.

Агенцијата ја издвојува изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски дадена на заедничката прес-конференција со австрискиот колега во која бара помош од европските партнери и оти истакнал дека „со Македонија мора да се постапува како со интегриран дел од ЕУ“.

„Ова е единствената граница преку којашто мигрантите доаѓаат од една земја на ЕУ во земја којашто не е членка на ЕУ“, се истакнува изјавата на Попоски.

Агенцијата во својот извештај ја апострофира и критиката на однесувањето на Грција од страна на двајцата министри, односно изјавата на Курц „дека не е во ред (Грција) едноставно да ги пропушта бегалците“, кога додаде дека е неопходно решение на ниво ЕУ. Според него, Грција мора подобро да ја обезбедува надворешната граница на ЕУ, иако потсети дека и оваа земја заслужува помош.

Шефот на австриската дипломатија во Скопје побара од Европската унија поголемо внимание за западнобалакнската бегалска маршрута, и смета дека за тоа би требало да се одржи самит на челниците на ЕУ./крај/мф/сн