Австријците бираат нов претседател

0
358

Екологист, екстремен десничар и поранешен уставен судија се главни фаворити за победа во првиот круг од претседателските избори во Австрија, кои се одржуваат денеска.

Анкетите покажуваат дека на изборите ќе се води неизвесна битка меѓу поранешниот лидер на партијата Зелени, Александер ван дер Белен и кандидатот на екстремнодесничарската Австриска партија на слободата, Норберт Хофер, кои уживаат поддршка на околу 25 проценти од гласачите.

Веднаш зад нив, на третото место е поранешната судијка на Врховниот суд Ирмгард Грис, која на овие избори настапува како независен кандидат. Анкетите покажуваат дека таа можеби се надева на меѓу 20 и 21 отсто од гласовите.

Аналитичарите како значаен момент на овие избори го нагласуваат фактот дека кандидатите на двете водечки партии во Австрија заостануваат зад тројцата фаворити. Така, Рудолф Худсторфер од Социјалдемократската партија на Австрија би требало да освои меѓу 15 и 16 отсто од гласовите, додека Андреас Кол од конзервативната Народна партија на Австрија може да се надева на околу 11 проценти од гласовите.

Иако шефот на државата има главно протоколарни надлежности, ваквите изборни прогнози би преставувале голем удар за социјалдемократите и конзервативците, кои наизменично или во заедничка коалиција владеат со Австрија од крајот на Втората светска војна.