Австриски суд оценува дека Унгарија веќе не е безбедна земја за давање азил

0
361

Управниот суд во Австрија оценил дека Унгарија веќе не е безбедна земја за давање на азил на бегалците, потенцирајќи дека од октомври минатата година, состојбата во земјата значително се променила, пренесуваат светските агенции.

 „Состојбата во Унгарија од октомври минатата година значително се промени поради масовниот бран на бегалци. Таа околност, со конкретните критики поради условите за приемот на бегалците во Унгарија, водат кон оценката дека Унгарија не е безбедна за поднесувачите на молби за добивање на азил“, додале од австрискиот суд.

Судот укажува и на кршењето на Европската конвенција за човекови права и Повелбата на ЕУ за основите права, кој забрануваат нехуман и понижувачки третман. Поради непочитувањето на тие документи, судот констатирал дека во Унгарија, недопустливо е протерувањето на поднесувачите на азил врз основа на Даблинскиот договор.

Надлежните власти мораат поради таа одлука детално да ја анализираат актуелната состојба во Унгарија и проверуваат дали е можна примената на Даблинскиот договор за барателите на азил во Австрија, кои пристигнале од Унгарија.

Управниот суд ги разгледувал овие прашања врз основа на жалбата на една авганистанска бегалка, која во Австрија дошла со повеќе малолетни деца, а се борела против протерувањето од земјата. Таа најпрво во Унгарија побарала азил, а потоа во октомври минатата година пристигнала во Австрија.

Надлежните власти наложиле протерување од земјата бидејќи според Даблинскиот договор, Унгарија е надлежна за одлучување околу доделувањето на азил./крај/мф/бс