Азиските берзи пораснаа, фунтата над 1,30 долари, закрепнува и нафтата

0
316

На азиските берзи и во вторникот, втор ден по ред, цените на акциите силно пораснаа, бидејќи вложувачите ги охрабри рекордниот досег на индексот S&P 500 на Волстрит, а се надеваат и на нови поттикнувачки мерки на централните банки.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување во вторникот беше во плус над 2,5 отсто, додека цените на акциите во Сингапур, Шангај, Јужна Кореја, Хонгконг и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто. Благодарејќи на тоа, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во плус од 0,5 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од крајот на април.

Доброто расположение на пазарите дојде благодарејќи на продолжениот раст на цените на акциите на Волстрит, при што S&P 500 индексот достигна 2,137 поени, највисоко ниво во историјата, надминувајќи го рекордот од мај 2015 година.

Причината за тоа е забрзувањето на растот на американската економија, по забавувањето во првиот квартал, и убедувањето на вложувачите на американската централната банка годнава нема да ги зголеми клучните каматни стапки.

Најмногу скокна токискиот Nikkei индекс бидејќи тамошните медиуми објавија дека премиерот Шинзо Абе, по победата на неговата коалиција на изборите за горниот дом на парламентот, има намера да воведе дополнителни поттикнувачки фискални мерки во износ од 100 милијарди американски долари.

Тоа веројатно би го финансирала јапонската централна банка со дополнително печатење пари, а иако таквата политика досега не успеа значително да ги поттикне растот на тамошната економија и инфлацијата, вложувачите позитивно реагираат на „парите од хеликоптер“, како што печатењето пари своевремено го нарече економистот Милтон Фридман.

Вложувачите очекуваат и поттикнувачки мерки од британската централна банка, која заседава оваа седмица. Се очекува намалување на клучните каматни стапки за да се спречи слабеењето на тамошната економија откако на 23-ти јуни беше изгласано Обединетото Кралство да ја напушти Европската унија.

Иако се очекува олабавување на монетарната политика во Британија, курсот на фунтата во вторникот претпладнето се проби над 1,30 долари, бидејќи вложувачите се надеваат на смирување на потресите на тамошната политичка сцена, имајќи предвид дека е веќе извесно оти нова премиерка ќе стане досегашната министерка за внатрешни работи Тереза Меј.