Балканот и Македонија остануваат во фокусот на САД

0
302

Балканот, а со тоа и Македонија сѐ уште останува во фокусот на американските интереси. Во рок од само неколку дена во Македонија, соседна Србија и Косово допатуваа видни високи американски дипломати придружувани со голем број делегации. Според коментарите на домашните, но и на регионалните познавачи на ситуацијата, ваквата интензивна раздвиженост јасно укажува дека Вашингтон и понатаму строго останува определен да ги зачува своите интереси на Балканот на високо ниво.

Потврда за тоа најпрво пристигна при завчерашната посета на Скопје од страна на директорот за европски прашања при Националниот совет за безбедност на САД, Чарлс Купчан. Иако не мина медиумски сензационално покриена, како што беше случај со посетите на неговите колеги од Стејт департментот што ја посетија земјава, Хојт Ји и Викторија Нуланд, доаѓањето на американскиот дипломат за експертите е сигурен знак дека САД не го губат интересот за случувањата во Македонија. Купчан во резиденцијата на американската амбасада во Скопје оствари средби со четворицата политички лидери-потписници на договорот од Пржино – Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Според скромните информации што ги пренесоа некои од домашните медиуми, тема на разговор меѓу политичарите и високиот американски дипломат било исполнувањето на условите за одржување на изборите според договорот од Пржино.

Според најавите, вчера доцна попладне потпретседателот на САД требаше да оствари средби со претседателот и со премиерот на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ, а по изјавата за медиумите, тој требаше да замине за Приштина како дел од неговата агенда од балканската турнеја. На Косово се очекува Бајден да остане два дена, а веќе денеска, според најавите, да се сретне и со претседателот на Косово, Хашим Тачи, и со премиерот Иса Мустафа.

Посетата на Бајден, која се реализира на крајот на неговиот мандат, е оценета како протоколарна и доаѓа по формирањето на новата влада на Србија и зголемените тензии во регионот, пред сѐ во односите со БиХ и со Хрватска, пишува српски „Новости“. Во врска со посетата на американскиот потпретседател Бајден на соседен Белград и Приштина, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски изјави дека Вашингтон нема скриени пораки за Македонија.

– Потпретседателот на САД, Бајден, имаше отворена и пријателска средба на почетокот на годината со претседателот на Владата на Македонија, Никола Груевски. Во моментов сосема е природно потпретседателот на САД да се фокусира на Србија и Косово при посетата на регионот при крајот на својот мандат. Нема никакви скриени пораки. Договорот меѓу нашите два северни соседи е веројатно најголемиот успех во балкански рамки на американската администрација во овој момент. Тие ценат дека овој договор е крупен придонес за намалување на ризиците од конфликти на Балканот. Од македонско гледиште, им посакуваме успех – изјави првиот човек на македонската дипломатија Попоски.