Бан Ки-мун го поздрави дијалогот меѓу Северна и Јужна Кореја и повика на помирување

0
298

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го поздрави дијалогот меѓу Северна и Јужна Кореја и ги повика двете страни да придонесат за смирување на ситуацијата.Бан, во соопштение објавено од неговиот портпарол, ги повикива двете страни да вложат уште повеќе напори за решавање на разликите преку дијалог, истовремено воздржувајќи се од преземање на секакви мерки, што може да го нарушат дијалогот.
Во соопштението Бан го поздравува договорот за обновување на преговорите денеска попладне.

Истовремено, севернокорејските медиуми објавија дека над еден милион млади луѓе изразиле желба доброволно да се вклучат или да се вратат во армијата, за заштита на својата држава, во случај на конфликт со Јужна Кореја и нејзините сојузници.

Двете страни вчера водеа долги разговори на високо ниво за надминување на новонастанатата ситуација, како и за подобрување на односите меѓу двете држави. Портпаролот на јужнокорејската претседателка соопшти дека двете страни се договориле преговорите да продолжат денеска попладне.

Кризата на Корејскиот Полуостров настана откако неодамна Јужна Кореја преку 11 звучници започна да емитува програма, што содржи најнови вести од корејскиот полуостров и од светот, како и емисии во кои се фали демократијата и економскиот раст на Сеул во однос на репресивната политика на Пјонгјанг. Сеул одбива да ја исклучи пропагандата се додека Пјонгјанг не се извини за експлозијата на мини овој месец во кои двајца јужнокорејски војници, кои биле на патрола, се тешко повредени. Северна Кореја ги отфрла обвиненијата за експлозиите.