„Банат“ промовира нова иднина на европското кино

0
494

Италијанскиот режисер Адријано Валерио на прес-конференција денеска го претстави својот филм првенец „Банат“, кој синоќа доживеа македонска премиера во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“. Филмот е копродукција помеѓу повеќе земји, меѓу кои е и Македонија. Беше прикажан во програмата „Нов европски филм“, поддржана од Европската Унија. Светската премиера му се случи на фестивалот во Венеција, во програмата „Недела на критиката“, а после Битола ќе следува Интернационалниот филмски фестивал во Пусан, кој важи за мека на филмските фестивали во источниот свет. Филмот во октомври ќе учествува и на Варшавскиот филмски фестивал од А-категорија.

IMG_7968

Директорот на фестивалот Димитар Николов го поздрави режисерот Валерио и истакна дека Македонија стекнала голем пријател.

-Особено ми е драго дека го имаме Адријано Валерио и со самото тоа што реши да снима во Македонија, ни стана пријател. За нас е особена чест што тој во голема мера искористи локации во Македонија за овој прекрасен филм, се надевам дека ќе имаме можност да соработуваме со него и во иднина. Тој лесно се справува со приказната и му честитам. Би сакал да имаме што повеќе такви филмови кои промовираат нова иднина на европско кино. Среќен сум што можам како директор на таков реномиран фестивал, да учествувам во промоцијата на вакви филмови – рече Николов.

Делот снимен во Македонија во голем дел ја дефинира атмосферата во филмот. Овој филм беше прва продукција работена според новите закони, што треба да придонесе за подобар развој на продукциите во земјава. Ова е прва копродукција помеѓу Македонија  и Италија, истакна селекторот на „Нов европски филм“, Дејан Трајкоски.

-Во Македонија се снимаа едни од клучните кадри што го одредија расположението на филмот. Снимавме во Романија, Бугарија, Македонија, малку во Грција – рече Валерио.

IMG_7997

За изборот на актерите тој вели:

-Прво имаме друг главен актер, ама не ми се допадна, па се премислив. Едуардо Габриелини е режисер, но има голем актерски инстинкт. За женската улога, пак, имаше многу поетаблирани актерки од Елена Радончиќ, но кога ја видов, знаев дека таа е вистинската и многу сум задоволен. Пред да почнеме да снимаме ми рече дека е бремена, па тоа влијаеше и на сценариото. Актерката Пјера дели Еспости е со големо искуство, таа работи со Пазолини, Сорентино и многу други големи режисери и ни беше многу добредојдена.

Тој е презадоволен и од соработката со бројните статисти.

Во однос на продукциските услови во земјава, тој истакна:

-Работевме многу добро со нашиот менаџер за локации. Имавме три недели и трчавме како луди за да ги најдеме. Слушнав многу убави работи за Македонија и за продукциските можности и одеднаш работите станаа едноставни. Во Македонија најдовме млади и амбициозни луѓе што беа подготвени да учат од постарите од другите земји. Спиеја по два часа на дена за да биде се во ред. Сите беа многу професионални за цело време.

-Фестивалите како „Браќа манаки“ се многу важни оти сите знаеме дека кога влегувате во голема продукција, финалната цел е профитот. И имам привилегија да предавам во филмско училиште и често прикажувам референци од филмови. Филмот не мора директно да се занимава со политика за да биде политички,  тоа може да се постигне и со прикажување на интимата на карактерите. Актуелна е темата на бегалците, имигрантите. И Италијанците почнаа да се селат. А јас, раскажувам приказна за некој што има избор – има работа, автомобил, стан и, сепак, избира да замине – рече Валерио.