Бегалци заложници, а не вооружена косовска група

0
1431

Слупчане, Матејче и Арачиново се под полициска контрола. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека има блокада на влезот во Арачиново, а детали најавија за утре.

Вчера во реонот на Ваксинце се пронајдени мигранти кои неколку дена биле држени од непозната вооружена група, тврдат безбедносни извори за Телма.

Претходно повеќе медиуми шпекулираа дека полициската активност во Липковско и во Арачиново е предизвикана од потрага по вооружена косовска група чии припадници се блиски на терористите обвинети за Диво Насеље.

Од МВР ги негираа овие шпекулации и тврдат дека ситуацијата е под контрола.

Весникот Коха пак објави дека полицијата трага по лице од Бангладеш, познато како Тони кој според информации на весникот бил водач на вооружена група која земала во заложништво бегалци избегани од кампот Табановце. Бегалците биле држени на сила во напуштени куќи во селото Лојане, според Коха слично на случајот со Али баба, бегалец кој во Ваксинце минатата година од бегалците наплатуваше престој и не ги пушташе бегалците сами да патуваат кон север. Жители на Слупчане за Коха негирале дека во нивното село има полиција и вооружена косовска група.