Бегалците и мигрантите пристигнуваат во Грција и покрај стапувањето на сила на договорот ЕУ-Турција

0
464

Педесетина пресреќни што успеале да допловат со голем гумен чамец до брегот на Европа бегалци и имигранти се првите кои се истоварија на грчкиот остров Лезбос токму на денот кога на сила стапи договорот меѓу Европската унија и Турција, чија цел е да се затвори ткн балканска рута преку која милион луѓе го минаа Егејското Море и влегоа во Грција во текот на минатата 2015 година.

Според грчките власти, ноќта меѓу саботата и неделата 875 лица пристигнале на грчките острови во Егејското Море од турскиот брег. Три дена претходно оваа бројка варираше меѓу 239 и 1.498 луѓе дневно, потсетува агенцијата DPA.

Исцрпени, но со чувство на олеснување, бегалците и имигрантите ги замотаа своите намокрени стапала во термалните прекривки кои им ги дадоа волонтерите заедно со сувата облека, пренесува Reuters.

Соговорниците на агенцијата велат дека виделе три чамци во рок од еден час во раните утрински часови. Двајца мажи се извлечени од еден чамец во бесвесна состојба и подоцна се прогласени за мртви. Дванаесет чамци стигнале до брегот недалеку од аеродромот до 6 часот утрото во неделата, изјавил неименуван полициски службеник.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција, сите имигранти и бегалци, вклучително и Сиријците кои бегаат од војната, коишто илегално ќе влезат во Грција преку поморскиот пат од неделата 20-ти март па натаму, ќе бидат вратени во Турција по регистрирањето и разгледувањето на нивното барање за азил. За возврат, ЕУ ќе прими за секој вратен Сириец по еден директно од Турција, вкупно 72.000 луѓе. Покрај тоа, Турција ќе добие и двојно зголемена од првично договорената помош – вкупно 6 милијарди евра, забрзување на постапката за укинување на визите за нејзините државјани околу јуни и заживување и забрзување на турските пристапни преговори.

Меѓу оние коишто се истовариле во неделата на плажа во јужниот дел на Лезбос е и Сириецот Хусеин Али Мухамед, чие студирање било прекинато со започнувањето на војната во неговата татковина во март 2011 година. Тој за Reuters вели дека сака да замине во Данска да ги продолжи студиите. Запрашан дали е запознаен со одлуката на ЕУ вели: „Знам за тоа. Се надевам дека ќе ги минам тие граници. Се надевам дека тука (во Европа) ќе завршам факултет, само тоа. Не сакам пари, само сакам да завршам факултет. Тоа е мојата порака“. Раскажува дека работел секакви работи во Турција за да им плати на криумчарите да го доведат до Грција, и рекол дека не сака да биде вратен. „Многу напорно работев во Турција, собирав пари за да дојдам тука…“.

Уште еден Сириец, триесетгодишен компјутерски инженер кој се претставил како Мохамед, вели дека се надева оти ќе остане во Грција, додека не најде начин како да им се придружи на својата сопруга и на синот кои се во Германија.

Враќањето на бегалците и на имигрантите во Турција би требало да започне на 4-ти април, како и распределувањето на сириските бегалци во 28-те земји членки на Европската унија. Меѓутоа, сé уште се присутни дилемите дали договорот ЕУ-Турција е законит и дали може да се спроведе. Нејасно е и што ќе се случи со десетиците илјади бегалци и имигранти коишто се веќе во Грција.

Според грчките власти, во моментов во земјата има 48.141 бегалец на копното, и околу 7.316 на многуте острови во Егејското Море. Околу 13.000 лица има во главниот град Атина и блиското пристаниште Пиреа, а другите се сместени во кампови во централна и северна Грција.

За управување со прифаќањето на мигрантите Грција има потреба од дополнителни 4.000 лица, според процените на Европската комисија, извршното тело на ЕУ. Разгледувањето на барањата за азил, исто така, бара околу 400 преведувачи и 400 дополнителни експерти за бегалци, а за разгледувањето на жалбите по одбиените барања за азил, потребни се уште 30 преведувачи и 30 судии од другите земји на ЕУ, сметаат во Брисел. Германија и Франција најавија дека планираат со по 300 своите службеници да ѝ помогнат на Грција да се справи со ситуацијата./крај/мф/сн

Без коментари

LEAVE A REPLY