Бегалците се обидоа да го пробијат полицискиот кордон

0
454

Обидот на македонската полиција да им дозволи на толпите бегалци да ја преминат границата резултираше со судири, откако над 1.000 мигранти здружено се обидоа да го пробијат полицискиот кордон.

Границата од вчера е затворена откако Македонија беше преплавена со бегалци главно од Сирија, Ирак и Авганистан.

Од толпата се слушаа крици кога над 1.000 бегалци почнаа да туркаат во обид да поминат. Некои се онесвестија, а некои беа повредени во турканиците, и сега добиваат медицинска помош.

Во меѓуграничниот појас има униформи само од една држава – тие на македонската полиција и на македонската армија. Од грчка страна нема ниту еден полицаец – таму стојат само десетина новинарски екипи.

Грчките полицајци стојат подлабоко на својата територија и само ги насочуваат мигрантите кон Македонија, и покрај тоа што високиот комесар за бегалци на ОН ја повика Грција „да им даде итна помош на луѓето на грчката страна на границата и да им помогне да се префрлат во прифатните центри подалеку од границата“. Претставници на меѓународните организации исто така има само на нашата страна.

Армијата веќе е распоредена по должината на граничната линија од околу 50 километри и ги спречува сите обиди за илегален премин на границата.

Првиот денешен воз за Табановце, во 17 часот, веќе замина со повеќе од 300 бегалци, а за вториот, во 20 часот, се очекува да бидат пуштени уште толку.

Претходно МВР соопшти дека во Македонија им се дозволува да влезат на ограничен број бегалци од поранливите категории, а нивниот број е условен од капацитетите на државата да ги снабди со ресурси и медицинска помош.

 За разлика од претходните денови кога во Република Македонија им се издаваа потврди на повеќе од 1.300 странски државјани дневно, во последните 24 часа тој број е неколкукратно помал. Во периодот од 8 часот на 20 август до 8 часот денеска, издадени се потврди на вкупно 181 странски државјани, соопшти МВР.

Утрово, откако мигрантите јурнаа кон граничниот премин македонската полиција употреби и солзавец за да ги растера и да воспостави ред.

http://www.mkd.mk/