Бегалците тргнаа кон Хрватска?

0
2148

Можноста од долго чекање на унгарската граница, можните затворски казни за нелегален влез во државата или враќање во Србија, ги тера бегалците да бараат алтернативни рути, на запад преку Хрватска или на исток преку Романија, иако тие земји не се дел од Шенген зоната, пишува Ројтерс.

Хрватска за евентуалната вонредна ситуација со пристигнување голем број бегалци има подготвено вонреден план кој е спремна брзо да го активира, изјавил министерот за внатрешни работи Ранко Остојиќ, но не сакал да зборува за деталите на тој план.

Остојиќ им упатил критика на сите кои зборуваат дека Хрватска треба да се постави како Германија и Австрија кои воведоа привремени контроли на границите, порачувајќи им дека зборуваат глупости.

„Како Хрватска да го активира тоа кога го немаме ни активирано: Хрватска од секогаш си има гранична контрола“, кажал министерот.

Хрватска досега не беше дестинација за бегалците, но нивното пристигнување во голем број сега е веројатно поради ѕидот што го крена Унгарија, како и казните за сите што ќе го оштетат или ќе се обидат да го поминат.

 „Ако дојде до масовен прилив на емигранти, односно бран од илјадници бегалци , нормално е дека тогаш повеќе нема да може да се применуваат редовните, односно ќе бидат воведени вонредни мерки на границите“, кажал хрватскиот министер.

Српските медиуми денес се исклучително остри кон Унгарија, а особено кон нејзиниот премиер Орбан, остро критикувајќи ги владата и новите закони кон емигрантите со оценка дека „во Европа такви правила не се видени од Втората светска војна“, алудирајќи на прописите на германските власти под Хитлер.

www.mkd.mk