Бегалците умираат, Западот го собира кајмакот од нафтата

0
867

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган ги обвини европските земји дека колевката на светската цивилизација, Медитеранот, го претворија во гробница за бегалците и според него, Европа е соучесник во смртта на секој бегалец во тој регион.

Потсетувајќи дека морето, во вторникот на брегот во Бодрум, го исфрли безживотното тело на тригодишното сириско дете кое се удави во потонат брод, Ердоган ја праша јавноста дали за оваа трагедија ќе одговара цело човештво.

„Во Медитеранот не се дават само мигранти, туку и нашата хуманост, вредноста која нас нè прави она што всушност сме. Бегалците се препуштени на својата судбина на вратите на Европа, праќањето на мигрантите во смрт со потопувањето на бродовите и нечовечкиот однос кон нив на границите се поединечни примери на болната реалност. Показатели се и мртвите тела на жените, децата и старите кои се удавиле во Средоземното и Егејското море во обид да дојдат до мир и благосостојба. Секој изгубен човечки живот е по една рана на нашите срца. Но од тие кои се одговорни за тие животи, не слушнавме, ниту видовме ни тронка каење, ниту грижа на совест“, рече Ердоган.

Тој додаде дека Западот не може да ги трпи ниту бегалците кои стигнале на нејзина врата и дека ја изгуби довербата во јавноста дека сака во Ирак, Сирија и Либија да донесе мир и благосостојба, јавува Анадолија.

„Отворено ќе ви кажам што се случува. Во Либија и Ирак има нафта и зарем тие не сакаат да ја преземат? Западот сега има 80 отсто од нафтените извори во Ирак. Тие управуваат со нив и го собираат кајмакот,. За останатите 20 отсто велат „ете и за вас“. Истото е и во Либија. Сè додека е така, оваа светска структура е неприфатлива“, тврди Ердоган.

Според него, денес не функционира безбедносниот систем кој во светот беше воспоставен по Втората светска војна.

Во таквиот систем, според него, не може ништо да се направи доколку тоа не е во интерес на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Затоа велиме дека светот е поголем од петте големи. Судбината на речиси 200 земји во светот не може да се препушти на една од петте големи сили. Меѓутоа, тоа некој мора да го каже. Светските медиуми тоа го претставуваат како лошо кога ќе го каже Ердоган. Но нека го прават тоа, јас до крајот на животот, ќе ја зборувам вистината“, тврди Ердоган.

Обраќајќи се на отворањето на економската конференција во Анкара, група која ги претставува деловните луѓе од земјите од Г20 предупреди дека не смее да се заборави дека тероризмот може да го сруши цел свет, без оглед каде почнал.

Според него, економската конференција нема да ги оствари целите доколку се занимава само со економскиот просперитет на земјите од Г20, без воспоставување на мир благосостојба и безбедност на глобално ниво.

„Со жалење морам да кажам дека земјите од Западот не посветија доволно внимание на проблемите кои како кошула во пламен се случија во многу земји, почнувајќи од нашата јужна граница, Сирија и Ирак“, заклучи Ердоган. /крај/мф

Без коментари

LEAVE A REPLY