Бејли промовираше меморијално обележје на патеката од Првата светска војна

0
579

Амбасадорот на САД Џес Бејли денеска го промовира меморијалното обележје на патеката од Првата светска војна во Националниот парк Пелистер.На свеченоста во Информативниот центар Пелистер амбасадорот Бејлие им се обрати на присутните по повод стогодишнината од приклучувањето на САД на Првата светска војна, а зборуваше и за значењето на евроатлантските односи.

Новото обележје, како што истакна амбасадорот Бејли, ја нагласува улогата на Соединетите Американски Држави во Македонија и на Балканот за време на Првата светска војна.

– Отворањето на патеката од Првата светска војна е прекрасен начин за тоа како да се памти историјата. Денес ставаме уште еден знак кој посочува на придонесот на американскиот народ кој помагал на локалното население, рече амбасадорот Бејли.

Тој додели и благодарници на лицата кои помогнаа во реализирањето на настанот во Националниот парк „Пелистер“.

Според историски податоци кои беа презентирани на денешниот настан, во текот на Првата светска војна, САД односно голем број на американски граѓани понудиле хуманитарна и медицинска помош, а за време на бомбардирањето на Битола голема помош доделил американскиот Црвен крст, кој по завршувањето на војната во Битола ја отвориле познатата болница на американските жени предводена од д-р Верџина Флот Кис, а била отворена и американска амбуланта за помош на локалното население и притоа им била укажувана лекарска помош и до 3.000 пациенти во еден месец, претежно жени и деца, беше истакнато на денешниот промотивен настан на кој меѓу другите учествуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку.